Македонските домаќинства во просек фрлаат по 86 килограми храна годишно по жител, што е за 17 килограми повеќе од просекот во Европската Унија. Над европскиот просек е и количината на отпад од храна што се создава во рестораните и малопродажбата.
Според податоците од Индексот на отпад од храна на Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП), домаќинствата во Македонија во 2024 година создале вкупно 179.311 тони отпад од храна, односно околу 86 килограми по човек годишно.
Во рестораните и услугите за исхрана биле создадени 51.283 тони отпад од храна, што е околу 25 килограми по жител, додека во малопродажбата биле регистрирани 30.755 тони или околу 15 килограми по човек.
Во Европската Унија, домаќинствата во просек создаваат 69 килограми отпад од храна по жител годишно. Рестораните и услугите за исхрана создаваат по околу 15 килограми, а малопродажбата околу 10 килограми по жител.
Тоа значи дека македонските домаќинства создаваат по 17 килограми повеќе отпад од храна од европскиот просек, рестораните и услугите за исхрана по 10 килограми повеќе, а малопродажбата по околу 5 килограми повеќе по жител.
На глобално ниво, проблемот е уште поголем. Според УНЕП, во светот годишно се фрлаат околу 1,05 милијарди тони храна, што претставува 19 проценти од храната достапна за потрошувачите.
Домаќинствата ширум светот се одговорни за најголемиот дел од отпадот од храна и секојдневно фрлаат повеќе од една милијарда оброци. На домаќинствата им припаѓаат околу 60 проценти од вкупниот отпад од храна, додека рестораните и хотелите учествуваат со 29 проценти, а малопродажбата со 12 проценти.
