Оваа депонија, како што се наведува во соопштението на Министерството, идентификувана како една од најопасните во Националниот план за управување со отпад, претставува сериозна закана за здравјето и животната средина, како за жителите на Липково, така и за соседните општини. Честите пожари и постојаното загадување, се додава во соопштението, се голема загриженост за граѓаните од регионот.
Од Буџетот за 2025 година за овој проект се обезбедени околу пет милиони денари, како и механичка опрема за безбедно управување со отпад. По завршувањето на техничките подготовки, додаваат од Министерството, денеска почнале градежните работи на терен.
Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјавил дека санацијата на оваа депонија е голем чекор кон заштита на здравјето на граѓаните и подобрување на условите за живот во општина Липково и околниот регион.
Тој нагласил дека нема повеќе време за чекање и дека институциите имаат обврска конкретно да дејствуваат на терен.
-Оваа акција претставува важен чекор во напорите за подобрување на животната средина и заштита на здравјето на граѓаните на Липково и целиот регион, додаваат од Министерството.