Десет лица, меѓу кои и најмалку едно дете загинаа, а десетици беа повредени во масовен ноќен руски воздушен напад врз Киев, соопштија украинските власти.
Шефот на воената администрација на Киев, Тимур Ткаченко, изјави дека повеќе од 20 локации биле погодени во различни делови на главниот град. Министерот за внатрешни работи, Игор Клименко, преку Телеграм потврди дека меѓу загинатите има и две деца.
Претседателот Володимир Зеленски порача дека Кремљ избрал „балистика наместо преговарачка маса“ и повторно повика на „нови, строги санкции“ против Русија.
Според украинската армија, Русија лансирала речиси 600 дронови и повеќе од 30 балистички и крстосувачки ракети што претставува најголем напад врз Киев овој месец.
Овие удари следеа само еден ден по нападите врз енергетската инфраструктура, со кои повеќе од 100.000 домаќинства останаа без струја.
Ткаченко соопшти дека едно од загинатите деца е 14-годишно девојче, а најмалку пет други деца се повредени. Во нападите биле погодени станбени згради, а пожар избувнал и во градинка. Градоначалникот на Киев информираше дека една петкатница е целосно уништена, а спасувачките екипи трагаат по преживеани под урнатините.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, потврди дека била оштетена и зградата на делегацијата на Европската Унија во Киев.
„Нападот врз украинските градови и заедници е јасен одговор на Кремљ кон сите што со недели и месеци повикуваа на прекин на огнот и вистинска дипломатија“, изјави Зеленски.
И по три и пол години од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина, борбите на терен не покажуваат знаци на стивнување.
Американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да организира самит меѓу Зеленски и Владимир Путин со цел ставање крај на војната, но засега тие напори се без успех. Кремљ ја минимизира можноста за директна средба меѓу двајцата лидери.
Украина во меѓувреме работи со европските партнери на обезбедување гаранции за безбедност, за да се спречат идни руски напади доколку се постигне мировен договор. Москва, пак, предупредува дека нема да прифати европски трупи на украинска територија и дека разговори без нејзино учество се „пат кон никаде“.
Зеленски оваа недела во Киев се сретна и со шефот на британската армија, адмирал сер Тони Радакин, со кого разговараа за завршување на војната. Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф најави средба со украински претставници во Њујорк, додавајќи дека „секојдневно разговараат со Русите“.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, предупреди дека евентуално предавање на украинска територија на Русија како дел од мировен договор е „замка“.