Британија и Европската Унија денеска ги повикаа своите руски дипломати на разговор, откако во ноќните ракетни напади врз Киев загинаа најмалку 23 лица, меѓу кои и четири деца, објави Гардијан.
Во нападите е погодена станбена зграда во источниот дел на Киев, а експлозии имало и во централниот реон Шевченкивски, каде биле оштетени канцелариите на Делегацијата на ЕУ во Украина и објектот на Британскиот совет. Ова е првпат од почетокот на руската инвазија британска државна сопственост во Украина директно да биде погодена.
Украинските власти соопштија дека Русија за една ноќ употребила вкупно 629 ракети и дронови.
Министерството за надворешни работи во Лондон го повика рускиот амбасадор Андреј Келин во Обединетото Кралство како директен одговор на сериозната штета нанесена на објектот.
„Ударите на Путин синоќа убија цивили, уништија домови и оштетија објекти, вклучително и Британскиот совет и ЕУ Делегацијата во Киев“, изјави шефот на дипломатијата Дејвид Лами.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека нападите се јасна порака дека Москва нема намера да преговара за мир.
„Русија избира балистички ракети наместо преговарачка маса“, истакна тој.
Нападот предизвика осуда и од Европската Унија. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави нов пакет „тешки санкции“ против Русија.
Премиерот на Британија, Киер Стармер, ги нарече нападите „бесмислени“ и го обвини Кремљ дека ги саботира надежите за мир. Од Британскиот совет информираа дека нивната канцеларија во Киев е тешко оштетена и ќе остане затворена за јавноста, но дека работата со украинските партнери ќе продолжи.