Николче Новески, поранешниот македонски репрезентативец и долгогодишен капитен на германски Мајнц, станува дел од тимот на Фудбалската федерација на Македонија.
Новески е назначен за раководител на скаутинг службата, со задача да ја координира и развива стратегијата за следење и идентификување на млади таленти со македонско потекло ширум Европа и светот. Оваа активност е дел од новите приоритети на ФФМ, со цел да се прошири базата на фудбалери за сите национални селекции и да се отвори уште поголем простор за иднината на македонскиот репрезентативен фудбал.
Николче Новески кој има 64 настапи за македонската репрезентација ќе работи во координација со Горан Пандев, Ѓорги Христов и Агим Ибраими во насока на следење на фудбалерите, како и организирање на тест натпревари надвор од Македонија, каде младите ќе имаат можност да се докажат.