Основниот кривичен суд во Скопје донесе пресуда со која Сулејман Љамалари е осуден на две години затвор за грубо насилство врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Продолжена му е и мерката притвор, а како што потврдија од судот, во изречената казна ќе се засмета и времето кое обвинетиот го поминал во притвор.
Инцидентот се случи во јули година, при посета на Арсовска на терен заради пријава за бесправна градба во општината Чаир. Според обвинението, Јамалари пристигнал со електричен тротинет и ја нападнал градоначалничката физички и вербално, нанесувајќи ѝ телесни повреди и упатувајќи сериозни закани. На настанот присуствувале и полицајци од локалната полициска станица.
Во текот на судскиот процес, обвинетиот тврдеше дека тој не е напаѓачот, туку жртвата бидејќи тој бил нападнат од Арсовска. Тој изјави дека не ја нападнал градоначалничката, туку само се обидувал да го тргне нејзиниот телефон за да ја спречи да снима, и дека бил удрен со нога од страна на оштетената.