Марковски истакна дека решението за Вардариште кое долго време се игнорирало мора да биде стручно.
„Не се преземени никакви стручни мерки за тоа што ќе се прави со гасовите коишто се ослободуваат од распаѓањето на ѓубриштето. Во околу ѓубриштето има голема количина на метан. Метанот е лесно горлив материјал и мала искра предизвикана од било што може да предизвика пожар. Ние сме за трајни решенија коишто ќе им овозможат на скопјани да дишат нормално, особено на оние наши сограѓани кои живеат во околината на Вардариште. Постојат методи, стручни методи денес и многу актуелни. Постои можност оваа енергија којашто денес ни создава проблем да ја искористиме и за производство на електрична енергија. Само треба знаење, одговорност и секако независност“, рече Марковски.
Тој порачува дека за да се реши проблемот со депонијата постојат неколку пристапи.
„Едниот пристап е со помош на одредени цевки да се собере метанот и потоа да се одлучи што ќе се прави со него. Метанот, меѓу другото, може да се користи и за производство на електрична енергија. Постојат и други методи коишто се веќе применети на над 200 локации во Европа.“
Јана Белчева Андреевска потсети дека за депонијата има многу стручни насоки како да се тргне од листата на црни точки на градот кои досега се игнорирани.
„Ако се следеле чекорите само со спроведуваме на ЛЕАП-от, како чистење на дивите депонии, рекултивација на Вардариште според стручните студии, модернизација на системите за исцедок и гас, и зајакнување на селекцијата и рециклирањето, веќе ќе имало резултати. Затоа, основа за нашето работење нема да бидат нови стратешки документи, туку исполнување на усвоените планови, и усогласување со безбедносните стандарди за заштита“ рече Јана Белчева Андреевска.
Белчева Андреевска смета дека планот за решение истовремено треба да е реален и модерен, од тоа да се затвори просторот за диво депонирање, да се воведе 24/7 периметарска контрола со видео-аналитики и препознавање регистарски таблички, а преку термални камери и дронови со термални и спектрални сензори да ги откриваме жариштата и новите истурања уште во зародиш. Податоците би се интегрирале во единствен систем со јасни индикатори и јавна отчетност.
„Нам сојузници во овие напори мора да ни бидат граѓаните кои се будни, свесни и бараат промени и ќе го дадат гласот за оние кои веќе биле активни, и ќе продолжат да работат за јавниот интерес, а тоа е чист воздух и здрава животна средина“ вели Белчева Андреевска.
„Независни заедно“ е широка граѓанска платформа која ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку скопски општини, „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“. Покрај град Скопје, платформата веќе објави дека цели на победа во општина Центар каде ќе ја поддржи кандидатурата на поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска.
„’Независни заедно’ произлезе како одговор на разочараноста од традиционалните политички партии и има за цел да ја врати локалната власт во рацете на граѓаните. Платформата ги повикува сите скопјани, поединци и групи, да се приклучат и заеднички да изградат нов модел на управување, чесен, стручен, транспарентен и посветен на јавниот интерес. Само заедно можеме да му дадеме шанса на Скопје да стане град по мерка на човекот“, порачуваат од „Независни заедно“.