Ќе изумреме како диносаурусите, ако не се справиме со загадувањето, рече денеска во изјава проф. Горан Марковски, кандидатот за градоначалник на Скопје од граѓанската платформа „Независни заедно“. Тој и носителката на кандидатската листа за советници во Град Скопје на граѓанската платформа „Независни заедно“, Јана Белчева Андреевска, одржаа пресконференција во близина на депонијата Вардариште.
„Не се преземени никакви стручни мерки за тоа што ќе се прави со гасовите коишто се ослободуваат од распаѓањето на ѓубриштето. Во околу ѓубриштето има голема количина на метан. Метанот е лесно горлив материјал и мала искра предизвикана од било што може да предизвика пожар. Ние сме за трајни решенија коишто ќе им овозможат на скопјани да дишат нормално, особено на оние наши сограѓани кои живеат во околината на Вардариште. Постојат методи, стручни методи денес и многу актуелни. Постои можност оваа енергија којашто денес ни создава проблем да ја искористиме и за производство на електрична енергија. Само треба знаење, одговорност и секако независност“, рече Марковски.