Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во интервју за „Слободен печат“, укажа дека можеби една од причините поради кои власта се противи на декласификација на документацијата поврзана со случајот во Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е стравот да не излезат на виделина информации за сомнителни странски финансиски извори поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.
Како што тој вели во интервјуто, имало сомнителни извори на унгарскиот кредит, дали се тоа кинески или руски пари и дека за тоа никој не знае.
„Гледате каков е сојузот помеѓу Русија и Кина на светско ниво. Дел од сознанијата во врска со финансии кои доаѓаа за време на нашето владеење кон некои структури – исто така. Можеби е тоа една од темите коишто ќе излезат ако се декласифицираат овие податоци сега од АНБ. Мислам дека власта нема да го направи, поради тоа што сметам дека ќе избега од таа тема“, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче повторно повика на декласификација на документацијата, велејќи дека тоа е единствениот начин за расчистување на аферата, без потреба од судски одлуки.
„Во законот јасно пишува дека дека одговорен за декласификација на документите, доколку постои сомнеж за криминал или злоупотреба, е самата институција, односно АНБ. Значи, од АНБ и од директорот зависи дали тие материјали ќе се декласифицираат или не. Ние бараме да се декласифицираат, да видиме кои луѓе биле следени, кои групации и зошто, да видиме дали имало прекршување од било кој – ако треба некој да понесе одговорност“, рече Филипче.