Во срцето на Венеција, на најстариот и најпрестижен филмски фестивал во светот, Македонија испиша ново златно поглавје.
„Силјан“, новиот документарен филм на двојно оскар-номинираната режисерка Тамара Котевска, ја освои една од најретките награди на Биеналето – „Cinema and Arts Award“, позната и како „Наградата на Музата“, дел од официјалната натпреварувачка програма. Во конкуренција од 20 филмови за ова признание, „Силјан“ го освои првото место и беше прогласен за најинспиративен филм на биеналето.
Иако беше вон главната конкуренција („Out of Competition“) за Златен лав, токму „Силјан“ успеа да се издвои и да замине од Венеција со врвно признание.
„Out of Competition“ е официјална секција на фестивалот, втора по важност веднаш зад „In Competition“. Во неа традиционално се вклучуваат светски автори како Werner Herzog и Sofia Coppola, кои своите нови дела ги претставуваат пред глобалната публика, додека нивните филмови паралелно патуваат и на други А Категорија фестивали. „Силјан“ е еден од ретките филмови што во исто време го освоија и Венеција и Торонто, па токму оваа престижна позиција овозможи да блесне на двете најголеми сцени годинава.
„Ова е мојот најважен филм досега, затоа што во секоја смисла беше најголемиот предизвик за мене и како режисерка и како продуцентка на документарци. Го започнав во време кога филмската индустрија во мојата земја беше во длабока криза, и токму затоа решив да тргнам сама, не сакав да стојам во место. Филм започнат со толку лична инволвираност и страст, за само две години прерасна во она што е денес. „Силјан“ е моја лична приказна, поврзана со моите корени и мојата култура, и затоа можев толку искрено да ја преточам во овој храбар и артистички филм,“ изјави Тамара Котевска за време на доделувањето на наградата.
„Силјан“ е документарна бајка инспирирана од македонскиот фолклор од 17-ти век. Филмот ја следи судбината на Никола, земјоделец кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило. Од таа средба започнува магична врска што станува метафора за човечкиот опстанок, нежност и надеж. „Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто,“ вели Котевска.
Официјалниот критичар на Венецијанското биенале (Venice Film Festival) вели дека приказната за „Силјан“ има истата извонредна и ненаметната универзалност како „Honeyland“, но со многу подлабок уметнички израз.