„Со долгогодишно искуство во управување со клубови во странство, Буњаку беше дел од неколку важни проекти во фудбалот. Тој имаше лидерски улоги и е посветен на градењето спортски структури за одржлив успех и на теренот и надвор од него. Го очекуваме со доверба и го пречекуваме во бело-сината куќа“, објави ФК Тирана.
Поранешниот спортски директор на Шкупи Омер Буњаку беше советник и во кабинетот на првиот вицепремиер во Владата и министер за политички систем, Артан Груби. Буњаку дипломирал туризам и менаџмент, а е познат како предводник на навивачката група „Шверцери“, истата група чиј основач бил Груби. Неговите активности се забалежани и во полициско досие за тепачките на Кале во 2011 година заедно со Груби.
Во 2014 година Кривичниот суд го осуди Буњаку на казна затвор од една година за учество во инцидентот во барот „Њу Орлеанс“ во скопската чаршија, кога беа искршени стаклата и опремата на диџејот затоа што пуштал македонска музика.
Буњаку во периодот кога беше советник на Артан Груби беше и член на Надзорниот одбор на Државна лотарија. Од јули годинава тој веќе не е член на одборот.
Артан Груби е во бегство по потерницата на македонските власти за злоупотреби во Државна лотарија. Тој и судијата Енвер Беџети се на црната листа на САД поради вмешаност во корупција, односно поради поткуп на судските процеси поврзани со ексдиректорот на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Се претпоставува дека Груби е во бегство во Албанија.