По големиот пожар во кој во целост изгоре еден производен погон со три модерни софистицирани автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел барови и тортички, заедно со два магацини од кои еден за суровини и еден за готови производи во главната кондиторска фабрика Винчини во Виница, истата повторно ќе биде обновена, соопштија од Макпрогрес доо Виница.
Крајна цел на компанијата е сите вработени да бидат задржани.
Затоа, во име на солидарноста, најмалку што можат да направат граѓаните е да ја поддржат фабриката со купување на нивните производи кои ги има во речиси секој маркет.
-Макпрогрес останува посветен на своите вработени, партнери и заедницата.
Фабриката Винчини ќе ја обновиме, имаме кадар и знаење за тоа. И тоа пак во Виница. Но потребно ни е време за тоа, време во кое ќе мораме да направиме план за консолидација на производните линии кои останаа во функција а со крајна цел сите вработени кои физички ги изгубија своите работните позиции да ги прераспоредиме на други производни линии и да успееме да ги задржиме сите вработени на работа.
На сите наши производи продажните цени ќе ги задржиме ниски и достапни за потрошувачите како и досега, а дополнително некои цени и ќе ги намалиме како би поттикнале поголема продажба.
Заедно со Стопанската комора и сите ланци на маркети ќе направиме напори и ќе дадеме сè од себе да успееме, вработените да ги работно ангажираме со цел да ги задржиме работните места. На сите клиенти и потрошувачи им благодариме однапред за сета поддршка и солидарност.
Солидарноста која ја видовме деновиве уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко.
Со секоја нова и значајна информација, јавноста ќе биде навремено информирана, соопштија Глигор Цветанов и Александар Цветанов од компанијата.
Вики Клинчарова
Извор: ВИКИМЕДИА – ВИКИМК.