Егзит во 2026 година нема да се одржи во Скопје, ниту во Египет, но нема ниту можност да се одржи во Србија бидејќи е одбиено државното финансирање, информираа денеска организаторите на фестивалот, пренесува N1.
„Во овој момент, нема можност фестивалот Егзит да се одржи во Србија следната година, бидејќи, поради поддршката од студентите, му е одбиено секое државно кофинансирање на локално, покраинско и национално ниво. Исто така, од истите причини, на фестивалот му е одбиена поддршката од главниот спонзор на фестивалот, МТС, кој е во државна сопственост, по 22 годишна успешна соработка“, објави фестивалот.
Фестивал од размерите на Егзит, посочуваат, не може да се организира без поддршка од државата.
„Откако објавивме дека сме принудени да ја напуштиме Србија поради државна репресија, добивме бројни покани од целиот свет да организираме фестивали таму. Моментално размислуваме кои дестинации ќе станат дел од глобалната турнеја на Егзит следната година, за што наскоро ќе ја информираме јавноста, а подготвуваме и специјални изненадувања за нашата лојална публика во Србија“, изјави основачот и директор на Егзит, Душан Ковачевиќ и потенцираше дека фестивалот не се сели во Скопје или Египет.