„Верувам дека треба да преминеме на одлучување со квалификувано мнозинство во некои области, на пример во надворешната политика. Време е да се ослободиме од оковите на консензусот“, порача Фон дер Лајен.
Според неа, токму сега се исцртуваат бојните линии за новиот светски поредок, заснован на моќ и затоа Европа мора да се бори за своето место во свет во кој многу големи сили се или амбивалентни, или отворено непријателски настроени кон неа.
„Тоа е борба за континент кој е целовит и во мир. За слободна и независна Европа. Борба за нашите вредности и нашите демократии. Борба за нашата слобода и нашата способност сами да ја одредиме нашата судбина. Немојте да се залажувате – ова е борба за нашата иднина“, рече Фон дер Лајен.
Таа потенцира дека фундаментално ЕУ е мировен проект, но во услови на денешниот немилосрден свет, таа не може да ги занемарува тешкотиите што Европејците секојдневно ги чувствуваат – промените на Земјата, влијанието на глобалната криза и повисоките трошоци за живот.
„Тие ја чувствуваат брзината на промените што влијаат на нивните животи и кариери и тие се грижат за бескрајната спирала на настани што ги гледаат на вестите – од разорните сцени во Газа до немилосрдниот руски напад врз Украина. Едноставно едвај чекаме да помине оваа бура“, рече Фон дер Лајен.
Според неа, во услови на свет на империјални амбиции и империјални војни мора да се појави нова Европа.
„Ова мора да биде Моментот на независноста на Европа. Верувам дека ова е мисијата на нашата Унија. Да можеме да се грижиме за сопствената одбрана и безбедност, да ја преземеме контролата врз технологиите и енергиите што ќе ги напојуваат нашите економии, да одлучиме во какво општество и демократија сакаме да живееме, да бидеме отворени кон светот и да избираме партнерства со сојузници, и стари и нови. На крајот на краиштата, станува збор за слобода и моќ да ја одредиме сопствената судбина. Знаеме дека можеме да го направиме тоа“, рече Фон дер Лајен.
Поради начинот на одлучување со консензус во ЕУ за надворешната политика и проширувањето, Македонија со децении не може да напредува на својот евроинтегративен пат. Таквиот начин на одлучување им овозможува(ше) на Грција и Бугарија да ставаат вето за Македонија во различни фази на процесот на евроинтеграциите, за прашања што се надвор од Копенхашките критериуми за проширување.