За тоа дали ќе имаат свој кандидат или ќе поддржат некој од независните кандидати за градоначалник во овој град, лидерот на партијата Венко Филипче на прес-конференција рече дека за тоа, како и за другите кандидати ќе се одлучува на седницата на Извршниот одбор, по што нивните имиња ќе бидат соопштени во јавноста.
Претседателот на СДСМ, Филипче на прес-конференцијата го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека вчера признал дека нема да биде интервенирано во цените на производите.
„Жалам што вчера премиерот изјави дека нема да се интервенира во цените на производите, вклучувајќи ги и основните прехранбени продукти“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче додавајќи дека опозициската партија подолго време го зборувала тоа.
Според него, Владата нема никаква намера да ги заштити граѓаните, ниту да балансира меѓу интересите на големите трговски синџири и потребите на обичниот народ. Практично, потенцира Филипче, вчера власта им порачала на граѓаните дека се оставени сами на себе, и дека станува јасно дека тие се премногу занесени од чувството на моќ или сосема ја изгубила врската со реалноста.
Филипче рече дека инфлацијата „ги срозила“ платите. За тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека „инфлацијата значително забавува“, Филипче рече дека, според него, тоа не е вистина и оти земјава има инфлација меѓу највисоките во Европа, додека просечната инфлација во ЕУ е 2,1%, кај нас во август е 4,4%, двојно повисока. Само во август, во споредба со истиот месец лани, додаде тој, цените на храната пораснале за 6,7%, а овошјето и зеленчукот за над 11%. Оваа влада, според Филипче, е единствената во регионот која на ваков раст на цени реагира со игнорирање, посочувајќи дека во Албанија и во Србија веќе се планира зголемување на минималната плата од следната година.
Тој повторно ја повика Владата да престане, како што кажа, „со игнорантноста и веднаш да донесе сет на конкретни и ефикасни економски мерки за помош на граѓаните“, обвинувајќи дека е урнат митот за економска способност на ВМРО-ДПМНЕ.
Зборувајќи за изјавата на премиерот Мицкоски дека загаденоста не е висока по пожарите во Вардариште и во депонијата Дрисла, Филипче рече дека таа е „скандалозна“.
„Луѓето знаат како дишеа вчера, неколку дена. Вклучуваа прочистувачи. Едноставно власта не прави ништо“, рече Филипче.