Екипата на Башкими зад себе го остава тешкиот пораз од Струга Трим Лум (0:5) и со убедлива победа од 4:0 против Победа како гости, во рамките на 1/16 финалето на Купот на Македонија, го подигна оптимизмот пред натпреварите во Прва МФЛ.
Кумановскиот тим денеска ќе гостува кај Шкендија во Тетово, а овој натпревар ќе има посебно значење за капитенот Арменд Алими, кој својата кариера ја започна токму во Башкими, а потоа подолг период беше дел од тетовските црвено-црни.
Алими истакна дека враќањето во Тетово секогаш буди посебни емоции за него, бидејќи настапува против клуб во кој поминал речиси половина од својата кариера и кој, како што вели, секогаш ќе има посебно место во неговото срце.
Капитенот нагласи дека екипата имала доволно време да се опорави и да ги анализира грешките од поразот против Струга, додавајќи дека атмосферата во тимот е позитивна и дека очекува квалитетен настап во дербито.