„Ќе нè биде! Мора да нè биде“, порача премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање по повод 8 Септември – Денот на независноста, посветувајќи посебно внимание на прашањето за наталитетот кое, како што нагласи, е врвен национален приоритет.
Мицкоски истакна дека најголемата закана за македонското општество не се само економските и политичките предизвици, туку падот на наталитетот и иселувањето на младите. „Не можам да бидам мирен кога знам дека нè има сè помалку. Залудно правиме патишта ако нема кој да вози по нив, да градиме училишта ако клупите се празни или игралишта ако нема детски жагор во нив“, рече премиерот.
Тој изнесе конкретни податоци за падот на бројот на првачиња: во Битола, од 960 ученици во 2015 година, бројот во 2025 е намален на 651; во Тетово, од 1.076 во 2022 година, оваа година има 940; во Охрид, од 560 во 2022 година, бројот се намалил на 440; а во Радовиш, за само три години, бројот на првачиња паднал од 208 на 139.
„Овие бројки не се само статистика. Тие се приказни за затворени училници, празни игралишта, мали градови и села што полека се празнат“, нагласи Мицкоски.
Премиерот порача дека Владата го поставува прашањето на наталитетот како еден од највисоките национални приоритети. „Започнавме со реформи, го зголемивме бројот на ин-витро процедури од 3 на 6. Ќе продолжиме да ги поддржуваме младите семејства, секое новородено дете и да обезбедиме сигурност за родителите и иднина за нивните деца. Ова не е само прашање на економија, ова е прашање на опстанок“, рече тој.
Во говорот, Мицкоски подвлече дека иднината на Македонија зависи од тоа дали ќе се создаде систем што ќе ја охрабри младата генерација да остане дома, да формира семејства и да верува во својата иднина. „Нашата визија е земја во која детската насмевка ќе биде најголемата вредност, каде што иднината не се гледа во иселување, туку во создавање“, додаде тој.
„Затоа, денес мора да донесеме одлука: да не ја оставиме татковината да згаснува тивко, туку со сите сили да ја вратиме надежта, радоста и детската насмевка во секој дом“, порача премиерот Мицкоски.
Иако на почетокот најави дека нема да зборува за дневно-политички теми, премиерот се осврна и на, како што рече, проблемот со „нелегалното прислушување“, кое, според него, со децении го вршат речиси истите луѓе.
„Се следи и прислушкува од 90-тите години. И една иста структура, речиси исти луѓе и оперативци, блиски до некоја мината власт, оперираат со системот. Со ваквите чекори се удира по основите на демократијата“, рече тој.
Премиерот нагласи дека сите материјали за незаконското следење се предадени на обвинителството, но истовремено предупреди: „Овој случај ќе го следиме одблиску и само да знаат дека оваа работа нема да се стави под тепих. Ова е прашање на опстојување на државата.“
Мицкоски се осврна и на најавите на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) за предлог со „црвени линии“ во односите со Бугарија што треба да води кон откочување на евроинтегративните процеси на државата. „Со радост го чекам тој предлог да видам каков ќе биде. Но не може во исто време да се збори за црвени линии, а да се вели ‘мора да се прифати сè што е на маса, безусловно’. Додека јас сум претседател на Владата, нема да има игри со вакви прашања,“ порача тој.
Тој додаде дека европските интеграции остануваат стратешки приоритет, но тој пат „не смее повеќе да биде срамен, туку достоинствен и рамноправен со сите останати европски народи“.
