Одговарајќи на новинарски прашања по јавното уништување на запленети наркотични дроги и оружје во кругот на фабриката „Макстил“, Тошковски, во однос на пожарот во Вардариште и дали се планира 24-часовна контрола на локацијата, рече дека ова е проблем што е таложен со години и дека додека не се реши што ќе се прави со тие луѓе, каде да се дислоцираат и како да им се помогне, овој проблем ќе се јавува.
„Во рамки на дивата депонија Вардариште, за жал, живеат негде над 200 луѓе. Замислете, во депонијата, среде депонија живеат 200 луѓе. Тоа е страшно од секој аспект. Индициите се дека потпалувањата, коишто ги имаме таму се сторени од мал дел од тие луѓе што живеат таму. Но, ние не можеме да го ограничиме правото на пристап до живеалиште, коешто го имаат. Не можеме да спречиме тие луѓе да влегуваат и излегуваат од овој периметар што го имаат. Овој проблем е таложен со години и не можеме да го решиме преку ноќ. Таму треба системско решение, на тие луѓе треба да им се најде соодвтено место на живеење, да бидат дислоцирани од таму. Тој простор треба соодветно да се исчисти, тој отпад од таму да се подигне и однесе на друга соодветна локација за дислоцирање на таков тип на отпад, па потоа соодветно да се стави во рамки на оние надлежности коишто треба да биде ставен, а тоа не е надлежност на МВР“, изјави Тошковски.
За трајно да го решиме проблемот не само со Вардариште, туку со сите диви депонии, Тошковски рече дека треба еден поширок и темелен институционален пристап, што вели, не може да се направи за месец – два.
„Овој проблем го имало многу години наназад. Согласно податоците коишто ги добив, со сигурност го имало 2021, 22, 23 и 24, и еве го имаме и 2025 година. Мораме системски, темелно, мултиинституционално да го решиме и треба да биде фокус, но фокус во оваа држава треба да бидат многу работи. И се, не дека не се, на оваа Влада“, изјави Тошковски.
