Познатиот српски актер Милош Биковиќ, кој повеќепати истакнал дека има македонско потекло, овојпат во Македонија дојде со нова и сериозна цел – најави план за изградба на хотелски и рекреативен комплекс во живописното Берово.
Биковиќ откри дека дел од неговото семејство потекнува токму од овој град, каде презимето Биковски сè уште е присутно. Во една своја претходна изјава тој појасни дека за време на Југославија, неговиот дедо и брат му ги смениле презимињата – едниот станал Биковиќ и се изјаснил како Србин, а другиот останал Биковски и се изјаснил како Македонец.
Интересот на актерот за Македонија не е нов – тој веќе неколкупати ја посетил земјата. Пред две години беше дел од фестивалот „Охридско лето“ со претставата „Лагата“ во изведба на Белградското драмско позориште, кога заедно со колегите уживаше во убавините на Охрид, македонската храна и вино.
Повод за оваа посета беше и средбата со премиерот Христијан Мицкоски, кој на социјалните мрежи објави заедничка фотографија со Биковиќ.

„На мое задоволство имав средба со познатиот актер Милош Биковиќ, кој по потекло е од убавиот македонски град Берово. Разговаравме за неговата иницијатива за инвестиција во хотелски и рекреативен комплекс во Берово. Ме радува неговата иницијативност и љубов кон Берово и Македонија. Така се почитуваат своите корени“, напиша Мицкоски.

Оваа иницијатива на Биковиќ е пример за тоа како културните врски може да се претворат во економски проекти, но и за потенцијалот на руралните региони во Македонија, кои преку туризмот добиваат нова шанса за развој.
