Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија објави јавен повик за новоформираниот Младински советодавен одбор (YAB) – консултативно тело составено од 15 млади лица, кои се заинтересирани да имаат директно влијание врз проектите и иницијативите поддржани од ЕУ.
Како што се наведува, повикот се одвива паралелно со слични повици што ги објавуваат Делегациите на ЕУ низ целиот свет.
YAB ќе им овозможи на младите во Северна Македонија да придонесат кон работата на Делегацијата на Европската унија во областите поврзани со младите. Одборот ќе соработува директно со различни работни групи на ЕУ, како и ќе учествува во бројни активности, проекти и иницијативи.
Покрај тоа, членовите на YAB ќе имаат можност да се поврзат и соработуваат со свои врсници од други младински советодавни одбори во регионот на Западен Балкан и пошироко во светот. Членовите на YAB ќе добијат и можности за обука во области значајни за младите, како што се медиуми и комуникација, јавно говорење, подготовка и менаџирање на проекти и други релевантни теми.
