Министерството за европски прашања информира дека од денеска, Македонија официјално започнува со примена на Единствената зона за плаќања во евра (SEPA), со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат и примаат плаќања во евра кон и од земјите членки на SEPA под исти услови како и во Европската Унија.
„Со започнување на практичната примена за полесни, побрзи и поевтини трансакции во евра, Северна Македонија и официјално стана активен дел од европската зона за плаќања, што претставува важен чекор во унапредување на интеграцијата со единствениот европски пазар. Приклучувањето кон SEPA е дел од активностите во рамките на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој има за цел да ја забрза економската интеграција на земјите од регионот со Европската Унија преку зголемен пристап до единствениот пазар, поттикнување на инвестиции и унапредување на финансиските услуги“, наведено е во соопштението од министерството.
Според нив, ова е значаен напредок.
„Со имплементацијата на SEPA плаќањата, нашата земја се приближува кон европските финансиски текови и го потврдува својот континуиран напредок на патот кон членство во ЕУ“, се додава во соопштението.
