Во центарот на Куманово, среде бел ден, во непосредна близина на општинската зграда, полициската станица, основниот суд, но и канцеларијата на Државната изборна комисија, вчера се случи обид за убиство со огнено оружје на Зекирија Шаини, носител на советничката листа на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во општина Липково и вработен на скопската Клиника за пулмологија.
Иако Министерството за внатрешни работи вчера информираше дека пукале повеќе лица од возило во движење, снимката од безбедносна камера покажува дека тоа не е точно. Според објавената снимка, во Зекирија Шаини пукало едно лице и тоа не од возило во движење туку самиот тој бил во возило во движење, а убиецот одел пеш.
Шаини бил застрелан четири пати, во десното коленото и во левата подлактица. Најпрво бил пренесен во кумановската болница, а потоа и на скопските клиники, каде што му била укажана медицинска помош. Според информациите, тој е во стабилна и животно незагрозувачка состојба.
Од Јавното обвинителство вчера соопштија дека двајца јавни обвинители извршиле увид и според нивните првични информации, мотивот за нападот не бил политички, но се поставува прашањето зошто напаѓачот, кој патем сè уште не е уапсен, во сред изборна кампања, во близина на општината, полицијата, судот и општинската канцеларија на ДИК, пука во еден од носителите на советничка листа и актуелен претседател на Советот на општина Липково.
Неговата партија, Демократската унија за интеграција (ДУИ), остро го осуди нападот и побара брза и транспарентна реакција на институциите.
„Остро го осудуваме овој варварски акт на насилство и бараме од Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство да реагираат веднаш, со целосна транспарентност и решителност, за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред правдата сторителите на овој атентат“, објавија од ДУИ на социјалните мрежи.
Тие апелираат до сите нивни поддржувачи, симпатизери и граѓани воопшто да ја зачуваат смиреноста, да не подлегнуваат на провокации и да покажат зрелост.
„Во знак на солидарност со повредениот и за да се нагласи сериозноста на настанот, партијата одлучи да ги суспендира активностите за денешниот ден, додека институциите не преземат конкретни чекори за враќање на довербата на јавноста и безбедноста на терен“, се наведува во реакцијата на ДУИ.
Со свој став се огласи и владејачката ВЛЕН (ВРЕДИ) коалиција на етнички албански партии, од каде изразија жалење и повикаа на воздржаност.
„Изразуваме длабоко жалење за настанот што се случи во Куманово, каде што е повреден д-р Зекирија Шаини. Ние како коалиција најостро ја осудуваме секоја форма на насилство и апелираме на смиреност, зрелост и почитување на институциите надлежни за истрагата. Насилството нема место во нашето општество и ниедна околност не може да ги оправда делата што ја загрозуваат безбедноста и животот на граѓаните. Ги повикуваме органите на редот што побргу да ги утврдат мотивите и сторителите на овој чин, а воедно апелираме ваквите случаи да не се користат за политички цели“, стои во нивното соопштение.
Од македонскиот блок, индиректна реакција имаше премиерот и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој во своето обраќање од партискиот собир во Тетово порача дека земјата може да напредува само преку заедништво.
„Сите ние мора да се обединиме околу заедништвото и да ги премостиме сите разлики, несогласувања и различни погледи. Овие избори се моментот од кој зависат генерации потоа момент да покажеме единство и разбирање за тоа што му треба на Тетово. Затоа што Македонија не се брани со поделби, туку со единство. Се брани со срце, со чесност, со заедничка волја. Сите ние Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци живееме под исто небо, дишеме ист воздух и ја делиме истата судбина. Само ако сме заедно, ќе имаме држава што ќе трае и иднина што ќе вреди“, рече Мицкоски.
По веста за обидот за убиство, од Министерството за здравство, каде е вработен Зекири, соопштија дека со вознемиреност ја примиле веста за вооружениот напад во Куманово. Тие најавија дека целосно ќе соработуваат со Министерството за внатрешни работи и локалните власти во Куманово за целосно расчистување на случајот.
„Повикуваме на воздржаност, почитување на приватноста и солидарност кон повредениот и неговото семејство“, се наведува во соопштението.
