Македонскиот автомобилски ас Игор Стефановски – Иџе продолжува да ја пишува историјата на македонскиот автоспорт! Трикратниот европски шампион во ридски патеки овој викенд ќе дебитира во ЕУРО НАСКАР ПРО, како дел од тимот Speed House S20 Team, во финалето на шампионатот што ќе се вози на легендарната патека Золдер во Белгија.
Иџе станува првиот Македонец кој ќе настапи во оваа престижна серија под лиценца на американскиот Наскар, најпопуларниот автомобилски шампионат во САД, кој веќе повеќе од една деценија има и своја европска верзија.
„Во 2020 година требаше да возам во ова првенство, но пандемијата го стопираше тоа. Конечно, пред неколку дена добив покана од организаторите да бидам гостин на последната трка во Золдер. Добро е што ја знам патеката, тука имам победа во ЕТЦЦ во 2017 година,“ – изјави Стефановски.

