Дваесет и четири килограми небезбедна храна од три детски градинки биле уништени, откако инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство констатирале дека таа не била соодветно чувана. Директорите се казнети парично, а освен во градинките, поради погрешно декларирање, уништени се и други 59 килограми храна во едно училиште.
„Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територија на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта. За утврдени недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните“, се наведува во соопштението од АХВ.
Оттаму информираат дека парични казни изречени се за три градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
„Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна. Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекоа 1 парична казна и донесоа 5 решенија за нивно отстранување“, се додава во соопштението.
