Одбојкарките на Фит Фан Волеј во првиот историски настап на европската сцена не успеаја да остварат победа, но почувствуваа како е да се игра на големата сцена. Во своето прво учество во БВА Балканскиот куп, нашиот прволигаш одигра три натпревари во Косово против силни ривали и како четвртопласиран го заврши своето европско деби.
„Навистина убаво искуство! Не можеме да се пофалиме со резултат, но факт е дека игравме со противници како АЕК Атина, кој го освои БВА Купот, и кој е сериозен клуб со буџет од милион евра. Потоа Херцег Нови, тим кој има седум странци, бидејќи во Црна Гора нема ограничување на странски играчи во првенството. и со буџет од половина милион евра. Еден перфектно селектиран тим со одбојкарки од по два метри. За нашите одбојкарки нешто сосем различно. Одигравме квалитетни натпревари, на високо ниво и видовме до каде е нашата одбојка во споредба со клубовите од регионот. Како екипа вакви натпревари досега не сме играле и ќе ни бидат добредојдени во пресрет на новата сезона“, заклучува тренерот на Фит Фан Волеј, Благоја Ставревски.
Екипата на Фит Фан Волеј ќе има кусо време за сумирање на впечатоците со оглед на тоа дека стартува домашното првенство, а прв предизвик за нив е гостувањето кај Младост УГД на 16 октомври.
Грчкиот преставник АЕК Атина го освои годинешното издание на БВА купот и ќе обезбеди учество во првата рунда од европскиот Челинџ куп.
