Немам никакво сознание за мотивите на овој атентат, немам нерасчистени сметки со никого, не сум нарушил ничиј живот, приватност или нешто друго. Целосно ги отфрлам како неосновани и невистинити тврдењата дека зад ова дело стои мојата сопруга Арјета Адили. Затоа итно барам од истражните органи да ја разјаснат ситуацијата со мојата сопруга, почитувајќи ја нашата семејна приватност.
Ова денеска го изјави д-р Зекирија Шаини, во кого беше пукано пред три дена, а од инцидентот се здоби со повреди. Шаини инаку е носител на листа на ДУИ во општина Липково.
„Од овој случај се гледа јасна намера за моја дискредитација и дискредитација на моето семејство, како и создавање збунетност и заблуда во јавноста. Затоа истражните органи да го откријат вистинскиот осмоничен за инцидентот, а случајот да не го преставуваат како сеемен спор, бидејќи ако е така како што беше претставен, никогаш не би живеел со мојата сопруга со која имам две деца“, рече тој.
Шаини апелираше до политичарите да не го злоупотребуваат случајот за политички поени во време на предизборна кампања.
„Ги молам органите на прогонот да се справат со откривањето на вистинскиот сторител на овој атентат, ставајќи ја мојата соработка на располагање секогаш кога ќе се појави потреба за разјаснување на овој случај, бидејќи самиот сум лично заинтересиран ова прашање што поскоро да добие епилог и вистината да излезе на виделина“, кажа Шаини.
Пред три дена, среде бел ден во вооружен инцидент беше повреден Шаини додека го возел своето возило во центарот на Куманово. Шаини е вработен на скопската Клиника за пулмологија и е носител на советничката листа на ДУИ во општина Липково.
Еден ден подоцна, службеници на МВР ја приведоа сопругата на Шаини и извршиле службен разговор со шест лица, а во домот на 50 годишниот Б.С. од Куманово извршиле претрес со судска наредба.
Според МВР, во Шаини пукал 36 годишниот Љ.Ф. од Гостивар, но тој е во бегство. Од МВР најавуваат кривична пријава против сопругата на Шаини, А.А. и против против Љ. Ф., по целосно документирање на случајот.
