Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) преку соопштение се пофали дека пред три дена Управниот суд ја отфрлил тужбата на политичката партија Левица со барање за поништување на Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година.
Според денешното соопштение на АВМУ, Судот на седница одржана на 6 октомври донел решение со кое ја отфрла тужбата, утврдувајќи дека Агенцијата „во согласност со своите надлежности како јавен орган донела Упатство со кое го пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби од Изборниот законик“.
Во образложението, Управниот суд навел дека со донесеното упатство се појаснува начинот на примена на одредбите од Изборниот законик поврзани со распределбата на времето за платено политичко рекламирање, распределбата на времето во вестите кај јавниот радиодифузен сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал и обезбедувањето пристапност на содржините поврзани со изборниот процес.
Од Агенцијата посочуваат дека со ова решение, како и со претходно донесеното решение на Основниот граѓански суд, се потврдува дека АВМУ постапил во согласност со законските прописи. Потсетуваат дека Основниот суд на 3 октомври го одби како неоснован и предлогот на Левица за издавање привремена мерка со која требаше да се забрани доставувањето на Упатството до медиумите и на извештаите за платеното политичко рекламирање до Државната изборна комисија (ДИК).
