„Аки Рахимовски остави неизбришлива трага во музичката историја на регионот, а неговиот дух е длабоко поврзан со Скопје. Време е градот да му оддаде трајна почит – со сцена што ќе живее преку новите генерации музичари и уметници“, смета Трајановски.
Како што се додава во соопштението, во неговата програма предвидува враќање на Скопскиот фестивал, што со децении беше симбол на македонската музичка традиција и новите уметнички струи. Фестивалот, како што појаснува Трајановски, повторно ќе ја обедини домашната сцена и ќе ѝ даде простор на младата генерација автори, изведувачи и композитори.
„Истовремено, во план е и формирање на градски театар, што ќе биде современ културен простор за драмски и сценски претстави, како и создавање на прв ромски театар во земјата – институција што ќе ја негува и промовира ромската култура, јазик и традиција. Посебен дел од оваа иницијатива е посветен на Есма Реџепова, преку подигнување на споменик и организирање годишен концерт на ансамбли и оркестри во нејзина чест“, се наведува во соопштението.
Според Трајановски, Скопје мора повторно да биде град што создава и инспирира.
„Градот на сцените, музиката, гласовите и луѓето кои го прават уникатен“, смета Трајановски.
Со овие проекти, се истакнува во соопштението, Скопје ќе го врати својот културен сјај и ќе ја потврди позицијата на град што ја вреднува уметноста, се сеќава на своите легенди и создава нови генерации што ќе ја продолжат таа приказна.
