Планетата го достигна својот прв катастрофален климатски пресврт, при што коралните гребени се соочуваат со „широкораспространето умирање“, пренесува „Гардијн“. Според нов извештај, Земјата го достигнала својот прв катастрофален климатски пресврт поврзан со емисиите на стакленички гасови, при што топловодните корални гребени сега се соочуваат со колапс и ја доведуваат во ризик егзистенцијата на стотици милиони луѓе.
Како што е објавено, извештајот на научниците и конзерваторите дополнително предупредува дека светот е и „на работ“ на други климатски пресврти, вклучувајќи го умирањето на Амазонската прашума, колапсот на главните океански струи и губењето на ледените плочи.
Некои експерти ги доведуваат во прашање тврдењата за судбината на коралните гребени, при што еден од нив изјавил дека, иако гребените се во опаѓање, постојат докази дека би можеле да преживеат и при повисоки температури од оние наведени во извештајот. Климатските „tipping points“ се признаени од научниците како моменти кога голем екосистем достигнува точка по која тешката деградација станува неизбежна. Коралните гребени се дом на околу четвртина од сите морски видови, но се сметаат за едни од најранливите системи на глобалното затоплување.
„Ако не се вратиме на просечна глобална температура од 1.2°C (и на крај најмалку до 1°C) што е можно побрзо, нема да можеме да задржиме топловодни корални гребени на нашата планета во никакви значајни размери,“ се наведува во извештајот.
Гребени на работ на колапс
Коралните гребени се наоѓаат во најтежок процес досега, односно 80 отсто од гребените во над 80 земји се погодени од екстремни океански температури.
Извештајот „Global Tipping Points“, предводен од Универзитетот во Ексетер и финансиран од фондацијата на сопственикот на Amazon, Џеф Безос, вклучува придонеси од 160 научници од 87 институции во 23 земји.
Во него се проценува дека коралните гребени го достигнуваат својот пресврт кога глобалните температури се зголемуваат меѓу 1°C и 1.5°C во однос на доцниот 19 век, со централна проценка од 1.2°C.
Глобалното затоплување во моментов е околу 1.4°C. Без брзи и (во моментов) малку веројатни намалувања на емисиите на стакленички гасови, горната граница од 1.5°C би била достигната во следните 10 години, се наведува во извештајот.
„Повеќе не можеме да зборуваме за климатските пресврти како за идни ризици“, изјавил проф. Тим Ленгтон од Институтот за глобални системи при Универзитетот во Ексетер.
„Првиот пресврт, масовното умирање на топловодните корални гребени веќе е во тек“, вели тој.
Земјата влегува во „опасна зона“
Професорот Ленгтон изјавил дека делови од западната антарктичка и гренландската ледена плоча се „опасно блиску“ до својата точка на пресврт, бидејќи губат мраз со сè поголема брзина. Ова предизвикува пораст на нивото на морето.
„Според сегашните прогнози, ќе ја надминеме границата од 1.5°C глобално затоплување околу 2030 година. Ова го става светот во уште поопасна зона, со сè поголем ризик од нови, дополнително разорни климатски пресврти“, вели Ленгтон.
Според него, Амазонската прашума која е под огромен притисок од климатската криза и уништувањето на шумите, е поблиску до точката на пресврт отколку што се мислело порано.
Извештајот нуди и извесна надеж, наведувајќи дека во општеството веројатно постојат и „позитивни пресвртни точки“, како што е широкото прифаќање на електричните возила, кои би можеле да предизвикаат брзи и самоодржливи промени што ќе доведат до намалување на емисиите на стакленички гасови.
