Откако метрополата се претвори во една голема депонија поради тоа што не се собира ѓубрето од контејнерите и улиците, не стивнуваат апелите Владата итно да прогласи вонредна состојба. Професорот и микробиолог проф. д-р Никола Пановски откако вчера за Мета предупреди што се може да ни се случи оваа алармантна состојба со ѓубрето низ цел град, денеска преку својот Фејсбук профил ги повика сите институции да реагираат, Владата да прогласи вонредна состојба и најитно да започне чистењето на сметот.
„Внимание, стаорците нема да чекаат втор круг на избори! Вториот круг, заедно со рокот на жалби, предавањето на функцијата, нема да заврши пред 9 ноември. За 18 дена стаорците, па и глувците може енормно да се размножат. Скопје веќе 20 дена е елдорадо за глодарите. Имаат достапна храна во изобилство. Излегуваат од подрумите, канализацијата и се хранат, се оплодуваат и за едем месец од секое животно ќе се создадат во просек по 10 младенчиња. Значи и по евентуално чистење на градот за 72 часа по 20 дена, ќе имаме илјадници гравидни глодарки кои на свет ќе донесат десетици илјади младенчиња. Можеби ќе имаме исчистен град, но глодарите ќе бидат многубројни и барајќи храна, ќе бидат крајно агресивни. Храната ќе ја бараат во нашите подруми и гаражи, а ако не ја најдат ќе ни влезат дома“, напиша Пановски.
Тој апелира до Владата да прогласи вонредна состојба и сметот да започне да се чисти веднаш.
„Министерство за здравство, Центар за јавно здравје, Институт за јавно здравје, Агенција за храна и ветеринарство, што правите? Па, вие сте платени да апелирате, да наредувате, да превенирате, не е тоа моја работа. Десетици платени специјалисти по хигиена, епидемиологија, микробиологија, ветеринари, каде сте? Воопшто не е важно дали сега е опортуно да молчите, да чекаме да се исполни ветувањето за 72 часа, аман веќе, побарајте итна акција од Владата, ако не ве слушаат излезете на улица“, револтирано пишува Пановски.
Вчера, за Мета Пановски зборуваше за болестите од кои може да заболи населението, ако градот продолжи да биде една голема депонија.
„Инсектите се најважни, посебно мувите, и тие може да пренесат многу болести, а најопасно е ако се намножат стаорците. Тие, заедно со кучиња и мачки, се хранат со храна од тие ќеси со ѓубре во кои веќе се создал токсин, и со тоа тие се главни ширачи на болести. Ако стаорци се размножат енормно, ќе се населат во подрумите и може многу болести за пренесат. Од нивната урина се пренесува болеста листериоза. Замислете да влезат во фабрика за сувомесни производи или во фабрика за храна, може лесно да ја пренесат болеста. Имало случаи, врз лименки врз кои се измокриле, остануваат опасни бактерии кои предизвикуваат тешки болести кај човекот“, предупреди Пановски.
Речиси и да нема општина во Скопје во која нема преполни контејнери со ѓубре, кое буквално се прелева на тротоарите и улиците, во зеленилото, на велосипедските патеки, а на некои места и на самите коловозни ленти. Состојбата со ѓубрето во метрополата е алармантна и незапамтена во светски размери, и тоа меѓу два изборни круга од локалните избори. Веќе нема дилема во јавноста дека здравјето на граѓаните е повторно загрозено поради политичките игри на партиите – нешто што беше карактеристика на речиси целиот мандат на градоначалничката во заминување, Данела Арсовска.
