Седум дена пред вториот круг односно денеска на полноќ истекува рокот за пријавување на болни и немоќни лица за гласање, додека за три дена завршува и рокот за пријавување на лицата во домашен притвор. Овие лица, како и затворениците и лицата во старските домови гласаат еден ден пред изборите, односно на 1 ноември.
Од ДИК информираат и дека во тек е пријавувањето на набљудувачите за вториот круг на изборите.
Првата недела од кампањата за вториот круг од изборите измина во сумирање на резултатите, калкулации за поддршка меѓу кандидатите и коалциите, а најголем дел од кандидатите ги продолжија активностите и средбите со граѓаните, но со помал интензитет.
Политичките партии и коалиции и кандидатите за градоначалници кампањата ја продолжуваат и денеска. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе бидат во Росоман, Демир Капија и Неготино, а прес-конференција најавија и Независни заедно на која ќе го кажат својот став во однос на поддршката на кандидатите во вториот круг на изборите.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата синоќа беа во Конче, Валандово и Дојран каде обраќања имаа кандидатите за градоначалници и лидерот на партијата и премиер Христијан Мицкоски. Тој рече дека очекува на локалните избори неговата партија да добие 59 градоначалнички места, како и дека секој што ја добил довербата од граѓаните и работи чесно и посветено за нив е денешен, современ патриот.
Во Градот Скопје, кој се бори со насобраниот смет, кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски деновиве им помагаше на дел од скопските кандидати да се расчисти насобраното ѓубре, но исто така во рамки на кампњата имаше средби со граѓани и посети повеќе населени места. Синоќа Ѓорѓиевски беше во Гази Баба каде се заблагодари за поддршката но исто така и најави низа проекти за подобрување на инфраструктурата и животот на жителите од овој дел на главниот град.
Неговиот противкандидат Амар Мециновиќ од Левица одржа неколку прес-конференции. Вчера тој кажа дека партијата бележи значителен раст на поддршката по првиот изборен круг и дека левиот гласачки спектар цврсто се обединува околу нивната програма.
И Ѓорѓиевски и Мециновиќ најавија дека прифаќаат телевизиски дуел пред вториот круг на изборите.
Интересна изборна битка во вториот круг од изборите се очекува во скопските општини Центар, Карпош и Аеродором. Кампањата се води на терен, каде меѓудругото се собираше смет, а исто така се одржуваат и средби и посети на граѓани.
Во Тетово вчера прес-конференција одржа и Билал Касами од Вреди, а ДУИ, пак, одржа седница на Централното претседателство по која лидерот на партијата Али Ахмети кажа дека коалицијата НАИ освоила повеќе советнички места од Вреди и дека поради тоа нема зошто да се повлече од политика.
Обраќање до гласачите имаше и Максим Димитриевски, од ЗНАМ кој повторно се кандидираше за градоначалник на Куманово.
„Јас се обраќам кон сите и не ги делам гласачите ниту по партиска, ниту по етничка, ниту по верска основа. А, никогаш тоа и не сум го правел. Затоа во рамките на поддршката што сум ја добивал секогаш имало гласови од сите етнички заедници, но и од останати партии. Впрочем тоа го имаше и при изборите во мојот прв и втор мандат, а и при гласањето на 19 октомври на овие избори“, потенцираше Димитриевски. Во минатите осум години, вели тој, еднакво работев и во македонски и во албански и во српски и во ромски средини. Затоа смета дека не е пресудно за предност кој ќе биде поприсутен во медиумите, туку колку бил ефикасен во текот на својот мандат.
Во првиот круг на 19 октомври локалните избори завршија во 43 општини, додека во Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа каде излезноста на гласачите беше една третина од вкупниот број запишани гласачи постапката за избор на градоначалник се повторува.
The post Oсум дена пред финалното гласање за градоначалници и повтореното гласање во 4 општини appeared first on МКД.МК.
