Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во Лондон ќе се сретне со британскиот премиер Кир Стармер, пренесува „Гардијан“.
Стармер има намера да го изнесе предлогот за користење на замрзнатите средства за финансирање на одбраната на Украина.
Министерот во кабинетот, Ник Томас-Симондс вели дека сака да се обидеме да ја тргнеме руската нафта и гас од глобалниот пазар.
„Исто така сакаме да ја довршиме работата со замрзнатите руски државни средства, суштински за да можеме да ги искористиме и да ослободиме милијарди фунти за финансирање на одбраната на Украина, и трето — снабдување со способности за долг дострел. Со тоа мислам на ракети за Украина во пресрет на зимските месеци, што, секако, има и придобивки во поглед на работни места тука во Обединетото Кралство. Но, во основа, тоа е порака до Путин и конкретна акција за зголемување на притисокот. Зашто токму Путин е тој што купува време, тој што не седнува на маса и не се вклучува во разговори“, смета тој.
Во меѓувреме, белгискиот премиер Барт Де Вевер изјави вчера дека неговата земја има потреба од конкретни и цврсти гаранции пред да го поддржи планот за користење на замрзнатите руски средства за финансирање на голем заем за Киев, нагласувајќи дека планот претставува „неистражена територија“.
Лидерите на Европската Унија не постигнаа договор околу тоа, како да се постапи со замрзнатите средства за време на самитот. Прашањето ќе биде разгледано повторно на следниот самит на ЕУ во декември.
