По трагичниот инцидент во кој животот го загуби татко што се обидел да го заштити својот син пред локал во Ново Место, словенечкиот премиер Роберт Голоб денеска свика итен кризен состанок и најави оставки на министерката за правда Андреја Катич и министерот за внатрешни работи Божтјан Поклукар.
Како што објави Н1, нцидентот се случил во сабота околу 02:30 часот наутро, кога 20-годишен маж, припадник на ромската заедница, наводно со фатален удар усмртил друг маж кој пристигнал да го земе својот син од ноќен локал. Членовите на семејството на починатиот биле активни во локалната заедница, а јавноста е длабоко потресена.
Полицијата го уапсила осомничениот, за кого е наведено дека и претходно извршувал кривични дела.
По силната реакција на јавноста, вклучително и протести и собири на граѓани во Ново Место, премиерот Голоб најави дека „е доста“ и вети итни мерки за зголемување на безбедноста. Беше организиран состанок на кој присуствуваа и генералната државна обвинителка, претседателот на Врховниот суд и директорот на полицијата.
„Насилството не се раѓа преку ноќ. Се создава во средина каде што казната не следи по делото, каде што правдата доцни, а одговорноста губи смисла“, се наведува во реакцијата на владата.
Претседателката на државата, Наташа Пирц Мусар, исто така остро го осуди убиството и упати сочувство до семејството. Таа побара брзи и одлучни институционални реакции и ги повика претставниците на ромската заедница да преземат одговорност за однесувањето на своите членови.
„Недозволиво е да има заплашување и насилство кон локалното население. Законите важат еднакво за сите. Овој случај нема оправдување и не смее да биде злоупотребен за ширење на омраза или политички пресметки“, истакна Пирц Мусар.
Иако власта беше под остри критики од дел од опозицијата, оставките на Катич и Поклукар се протолкувани како сигнал дека владата е свесна за сериозноста на ситуацијата и потребата од политичка и институционална одговорност.
Во вторник е најавена вонредна седница на Градскиот совет на Ново Место, а истиот ден се очекува и протестен собир на граѓани пред локалот каде се случи убиството.
