Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски изрази убедување дека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, после овие локални избори ќе има 59 градоначалници.
„Истовремено, дозволете ми да информирам дека во 58 општини советничките листи на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ победија и имаат убедливо мнозинство во Советот. Кога на сето тоа ќе се додаде и резултатот во Градот Скопје, односно убедливото водство на идниот градоначалник на Градот Скопје, Орце Ѓорѓиевски, 90 илјади наспроти 30 илјади, отприлика нешто повеќе од 3 спрема 1, очекуваме во вториот круг таа бројка да дојде до 120 можеби 125 илјади гласа. И убедливата победа на советничката листа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, доаѓаме до фантастична бројка од 60 општини во кои што се состои и Градот Скопје, нешто што до сега на ниту една политичка коалиција во независна Македонија не ѝ се случило“, истакна Мицкоски.
Мицкоски од Пробиштип порача и дека конечно, партијата која повеќе од 20 години беше дел од сите влади во Македонија, Демократската унија за интеграција, на овие локални избори е поразена.
„Ние велевме на парламентарните избори пред година и половина ги развластивме и дека ќе дојде време, кога на локалните избори, тие ќе бидат поразени. И тие практично се поразени на овие локални избори“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека во вториот круг граѓаните имаат три опции, од кои првата е да се гласа за коалицијата која ја претставува ВМРО-ДПМНЕ, која е победничката коалиција, додека втората опција е поранешната владина коалиција предводена од СДСМ, која е опција која нè враќа назад во времето и која ја ограбуваше, понижуваше и распродаваше Македонија.
„И третата опција, според мене најкастрофална, е да останеме дома и да не излеземе на изборите и да дозволиме некој друг да одлучува во наше име. Затоа што ако останеме дома и велиме – ‘лесно е, победува ВМРО-ДПМНЕ и сега до мојот глас ли дојде“ или пак ‘јас сум лут поради тоа и тоа, или пак покажувам некаков пркос’. Тогаш никого не казнувате, тоа никој нема да го препознае. Тогаш се казнувате себеси, Пробиштип и Македонија. Затоа што дозволувате друг да го изгради патот за следните четири години овде во Пробиштип, бидејќи вие седите дома. Тие што излегуваат на изборите, коишто гласаат, коишто го остваруваат своето демократско право, а демократско право е и да останете дома, нормално. Но, доколку сакате да ја градите иднината и да го трасираме патот заедно, тогаш излегуваме и учествуваме на изборите со тоа што ќе го дадеме гласот, за тој којшто мислиме дека е најдобар кандидат“, вели Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ги повика граѓаните на Пробиштип, но и на цела Македонија во недела на 2 ноември да излезат на гласање што е можно помасовно и да го дадат својот глас онака како што тие мислат дека е најдобро.
„Но, убеден сум дека кога ќе застанете зад параванот, со пенкалото в рака и со гласачкото ливче пред вас, ако го слушате разумот и вашето срце, и длабоко погледате во вашата душа, ќе видите и ќе препознаете дека таму извира бројот 9 и името на Тони Тоневски. И јас сум убеден дека тоа ќе биде вашата опција за следните четири години“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека колку дома се посилни и ја добиваат поддршката од граѓаните, толку посилни се аргументите на нашата Влада пред меѓународните претставници и институции.
„Поддршката што ни ја давате е практично којашто нè прави посилни, за да можеме да победуваме онаму каде што бев пред неколку дена, во Лондон, каде што ќе одам сега в понеделник, во Брисел. Да победуваме во Берлин, да победуваме во Париз, да победуваме во Рим, во Вашингтон… Колку дома сме посилни, колку посилна поддршка добиваме од вас, толку повеќе надвор нè ценат и толку посилни се нашите аргументи’, порача Мицкоски од Пробиштип.
На вечерашниот минимитинг се обрати кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски кој истакна дека во Пробиштип е потребна промена после 8 години апатија и уништување на градот, потенцирајќи дека новиот правец во кој ќе се движи општината ќе биде развиен, вистински и долгорочен со реализација на многу проекти кои ќе донесат развој и напредок на Пробиштип.

„Во првиот круг жителите на Пробиштип беа јасни, покажавте верба, храброст и желба за промени, освоивме стабилно мнозинство во Советот и сега сигурно со дигната глава одиме на уште поголема победа. Вие, граѓаните ја препознавте програмата што значи работа, развој и сигурна иднина. Вие, граѓаните го направивте вистинскиот избор за нашиот Пробиштип. Осум години стоевме во место, наместо да броиме нови индустриски погони, работни места, водоводи, ние броевме изгаснати светла во домовите. Затоа минатата недела Пробиштип испрати јасна порака – доста беше стагнација, уназадување и апатија, време е за нов правец, развиен, вистински, долгорочен“, рече Тоневски.
Кандидатот за градоначалник на општина Пробиштип посочи дека програмата е сеопфатна и е сработена заедно со граѓаните, со нивни предлози и идеи, со што ќе се инвестира во секој дел од општината, со проекти за младите да останат во својот роден град како и инвестиции во областа на туризмот, спортот и индустријата.
„Многу ми е важно нашиот град да има иднина, нашиот Пробиштип заслужува многу повеќе. Ние не ветуваме чуда, ние ветуваме само работа, ветуваме развој, ветуваме иднина. Во програмата се влезени вашите идеи, оваа програма е победничка, заедно ја пишувавме, заедно ќе ја реализираме. Ќе започнеме со нова урбанизација, нова населба за изградба на куќи и нова индустриска зона исклучиво за незагадувачка индустрија. Ќе создадеме услов за нови работни места и повисоки плати, нашиот фокус се младите. Младите ќе имаат бесплатен канцелариски простор доколку сакаат да започнат сопствен бизнис и бесплатни проекти за типски куќи. Голем дел од младите ќе можат да ја градат својата кариера и во туристичката дејност, затоа што инвестициите во Лесново и Пониква ќе бидат големи, ќе изградиме детско одморалиште на Пониква, ново одбојкарско игралиште, Пробиштип ќе добие и нов градски базен“, вели Тоневски.
Тој најави и решавање на проблемот со старото јаловиште, како и изградба на Дом за стари лица, во зградата на интернатот.
The post Мицкоски од Пробиштип: Колку поголема поддршка добиваме дома – на локални избори, толку повеќе аргументи имаме надвор appeared first on МКД.МК.
