Земјотрес со магнитуда од 6,1 степени синоќа ја погоди западна Турција, соопшти Германскиот истражувачки центар за геолошки науки (GFZ). По него следувале десетици нови потреси од кои најсилниот бил 4,4 степени. Локалните власти соопштуваат дека над 20 лица се повредени, но засега не јавуваат за жртви. Срушени се повеќе објекти во округот Синдирги, а има пријави и за над 500 оштетени објекти.
Земјотресот бил на длабочина од 10 километри, а потресите се почувствуваа и во Истанбул и други градови. Земјотресот се случил по 22 часот по локално време.
„По земјотресот, кој беше почувствуван и во околните региони, AFAD и сите нејзини тимови почнаа да работат на терен“, изјави министерот за внатрешни работи Али Јерликаја и најави дека училиштата денесдка нема да работат.
Земјотресот, беше почувствуван низ делови од Грција, вклучувајќи го и островот Лезбос, оддалечен 146 километри.
Властите соопштија дека екипите за итни случаи се ставени во состојба на готовност бидејќи се можни и нови потреси.
