Во вториот изборен круг во Брвеница, кандидатот на Вреди, Хаким Рамадани, ќе се соочи со актуелниот градоначалник Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Рамадани ја возбуди јавноста најавувајќи соработка со ДУИ, со цел Албанец по секоја цена да победи во Брвеница.
Рамадани, кој е и директор на Државниот инспекторат за локална самоуправа, на средба со иселеници во Хамбург, Германија, рекол дека „треба да се знае кој е газда на својата земја, и дека општините како Кичево, Брвеница, Тетово и секаде каде се мнозинство Албанците, мора да ги води Албанец“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски јавно изјави дека е разочаран од ваквото поведение на коалицискиот партнер. Тој најави дека Хаким Рамасани прво ќе биде победен в недела во Брвеница, а потоа и сменет од директорското место.
Во врска со својата претходна изјава за вториот круг избори во Кичево, Касами истакна дека таа е извадена од контекст и погрешно интерпретирана.
„Треба да се има предвид контекстот и медиумот во кој беше дадена изјавата, како и околностите во кои потоа беше пренесена. Со тоа целосно се извади од нејзината првична идеја“, изјави Касами.
Тој појасни дека изјавата е дадена во момент кога, според него, политичките опоненти се обидувале максимално да ја отворат етничката карта во изборниот процес.
