Во периодот од 28 октомври до 1 ноември 2025 година, во градот Корча, Албанија, се одржа Ликовната колонија „Visual Artists Colony – Korce2025“, поддржана од Western Balkans Fund. Настанот беше организиран во соработка меѓу неколку партнери од регионот, меѓу кои и македонската невладина организација Интеркултура, која беше еден од коорганизаторите на оваа иницијатива.
Во рамки на колонијата учество земаа шест уметници од Македонија, познати по своето богато уметничко искуство и препознатлив авторски израз. Заедно со колеги од цела Европа, тие работеа на создавање нови дела инспирирани од потребата за мир, заедништво и меѓусебно разбирање во Западен Балкан, како и од културното наследство и природата на Корча.
Програмата на колонијата опфати посети на музејот „Gjon Mili“ и Музејот на средновековна уметност, демонстрации на сликање на голем канвас во живо во West Park, како и отворени креативни сесии во Стариот базар и културно-историските локалитети на градот.
Кулминацијата на колонијата беше изложбата на уметничките дела во Галеријата на Градската библиотека во Корча, заедно со делата од меѓународниот симпозиум „Days of Mio“. Настанот претставуваше прослава на уметноста, регионалната соработка и културната размена меѓу уметниците од Западен Балкан.
