Во присуство на голем број граѓани, претставници на институции и организации, во пријатна и конструктивна атмосфера, денеска, се одржа првата форумска сесија и започна процесот на креирање на Буџетот на Општина Берово за 2026 година. На почетокот, со пригодно обраќање се претстави градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, кој ја истакна важноста на ваквите средби, како можност за заедничко креирање решенија и политики на локално ниво.
Граѓаните активно учествуваа во дискусијата и предложија голем број идеи и проекти, насочени кон подобрување на инфраструктурата, уредувањето на јавните простори, развојот на културата, спортот и социјалните услуги, унапредување на системот за противпожарна заштита и слично. Секој предлог беше внимателно забележан и ќе биде разгледан од страна на работно тело, кое е формирано за да ги разгледа предлозите и да ја утврди можноста на реализација, во периодот измеѓу двете сесии, после што секој проект, кој нема пречки за реализација, ќе биде ставен во соодветната програма за работа во 2026 година.

Оваа форумска сесија претставува значаен чекор кон поголема транспарентност и партнерство помеѓу локалната самоуправа и граѓаните. Општината ќе продолжи да го поттикнува активното учество на сите жители, со цел заеднички да создадеме подобра и пофункционална заедница.
Програмата „Форуми во заедницата“ е проект, што обезбедува партиципативна платформа за развој, чија цел е промовирање и унапредување на доброто владеење и демократија на локално ниво, преку давање поддршка на локалните власти и администрацијата, во зголемувањето на нивната транспарентност и отчетност кон заедницата, и овозможување активно учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки.

