Делчево, — Организацијата „Гласен Текстилец“ и Општина Делчево денеска потпишаа Меморандум за соработка во рамките на проектот „Преку женски активизам и иницијативи до родово-инклузивни и одговорни општини“, кој е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas.
Меморандумот го потпишаа претставници на организацијата и градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, со што започнува спроведувањето на низа активности насочени кон унапредување на родовата еднаквост, инклузијата и зајакнување на жените и девојките во локалната заедница.
Соработката предвидува организација на локален Форум на заедницата, активно учество на општинската администрација во проектните активности, учество на регионална конференција, како и поддршка при создавање јадро на женски активистки и лидерки од различни сектори, меѓу кои и претставнички од политички партии и локалната самоуправа.
Во рамките на проектот, вработени од општината ќе бидат вклучени во работилници за родово одговорно буџетирање, а жените и девојките од Делчево ќе учествуваат во креирањето на локални програми и проекти.
