Околу стотина граѓани, претставници на локалната самоуправа, институции и граѓански организации учествуваа на втората форумска сесија во Берово, на која беа избрани приоритетните проекти што ќе се реализираат во 2026 година.
Градоначалникот Петар Ружински им се обрати на присутните, изразувајќи задоволство од големата вклученост на граѓаните.
-Најдобрите решенија се оние што потекнуваат директно од заедницата. Затоа, нашата цел е да ги реализираме што е можно повеќе од вашите идеи, секако доколку нема урбанистички или правни пречки“, истакна Ружински.
Тој додаде дека очекува 2026 година да биде година во која Берово ќе ја покаже својата организираност, транспарентност и развој воден од реалните потреби на граѓаните.
На форумот беа предложени голем број иницијативи од областа на инфраструктурата, спортот, културата и образованието, а како најзначајни за реализација беа издвоени изработката на проектна документација за уредување на патеката до Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“, изградбата на инклузивно игралиште и уредување на влезот кај комплексот „Стара Гимназија“, како и изработката на проектна документација за реконструкција на водоводот и резервоарот за вода во селото Двориште.

Овие приоритети веќе се вметнати во Програмите за работа на Одделението за комунални дејности и заштита на животната средина и утре ќе се најдат на разгледување на седницата на Советот на Општина Берово. Останатите предлози на граѓаните, за кои нема пречки, ќе бидат земени како идеи за реализација во следните години.

Форумскиот процес со оваа сесија е успешно заокружен, а Општина Берово продолжува со подготовките на буџетот за 2026 година, заснован на активно граѓанско учество.
