Граничниот премин Евзони кој најчесто патниците го користат за влез и излез во Грција, деновиве пожелно е да се помине во раните утрински часови за да се избегне застој предизвикан од тракторите на земјоделците кои веќе неколку дена блокираат патишта и гранични премини. Екипа на Мета утрово беше на овој граничен премин околу 8 часот наутро и без проблем и без чекање ја премина грчката страна на границата. Викендов се очекува поголем метеж на границата поради продолжениот викенд.
„Ситуацијата е непредвидлива, но најпаметно и за влез и за излез од Грција да бидете на преминот во раните утрински часови, за да избегнете застој и чекање. Засега патнички возила се пропуштаат без проблеми, но ниту ние не знаеме што може да биде“, ни рече грчкиот граничар кому му ги дадовме документите на увид.
Откако ќе влезете во Грција, на самиот премин ве пречекува долга колона трактори паркирани во една лента. Некои трактори се украсени со новогодишни украси, а има и такви на кои има грчки знамиња. На Евзони земјоделците си поставиле тенда и столчиња за да се заштитат од дождот во периодите додека штрајкуваат поради доцнење на европските субвенции.

Граничарот на македонската страна ни кажа дека притисокот за влез и излез е поголем на преминот Мрдаја кај Дојран, бидејќи патниците и возачите мислат дека таму полесно ќе влезат во Грција. На овој премин засега нема метеж. Поголеми застои и чекања нема ниту на Меџитлија кај Битола.
Грчките земјоделци имаат пракса да не ги најавуваат блокадите, ниту пак, информираат од колку до колку часот и каде ќе има блокирање на патиштата низ земјата и на граничните премини. На состаноци кои се одржуваат секој ден, земјоделски комисии одлучуваат кога и на колку време ќе блокираат.
Имаше најави дека ќе бидат блокирани и улици на источната страна на Солун, но во градот сообраќајот денеска се одвиваше нормално и без застои.
Согласно најновото соопштение од АМСМ, сообраќајот на преминот Богородица/Евзони од 18 часот е блокиран за сите видови возила поради штрајк од страна на грчките земјоделци. Сообраќајот на преминот Меџитлија/Ники е отворен за сите видови возила.
