Close Menu
Malesh
    Актуелно

    Берово и Македонија тагува по Викторија – младата хуманистка која го посвети животот на животните

    Потсејување на опожарените површини во шумско-стопанската единица Буковик–Бајаз Тепе

    Студиска и стручна посета во округот Прахова, Романија на Градоначалникот на општина Пехчево Александар Китански

    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Demos
    • Buy Now
    Facebook X (Twitter) Instagram
    Malesh
    • ВЕСТИ
      • Македонија
      • Економија
      • Култура
      • Спорт
      • Политика
    • Историја
    • Магазин
    • Туризам
    • Малеш ТВ
    • Регион
    • Свет
    ЧЛЕНСТВО
    Malesh
    Home»Македонија»Од Смедеревката, преку Рама на чело на НАТО до хеликоптерот на Цеца – на Балканот ѓаволот ја однел шегата
    Македонија

    Од Смедеревката, преку Рама на чело на НАТО до хеликоптерот на Цеца – на Балканот ѓаволот ја однел шегата

    05/12/202520 Mins Read
    Сподели Facebook Twitter Telegram LinkedIn WhatsApp
    Заследи
    Facebook X (Twitter) Instagram

    Кога поголемиот дел од медиумите во Македонија објавија дека  Смедеревка од Балканот од половина евро во Франција се продава како бургундско вино за 250 евра, ретко кој се посомнева во прказната. Не е ни прв, ни вторпат, локалните ресурси да бидат поуспешно искористени од странски компании. Веднаш тргнаа дискусиите за ајварот, алшарот…

    Инаку веста на онлајн винскиот магазин „Вино и фино“ од Србија прво ја пренесоа неколку српски медиуми, но македонските медиуми веднаш масовно ја прифатија и разгласија.

    Грмнаа наслови:

    „Скандал во Франција: македонска смедеревка продавана како бургундско вино за 250 евра по литар!“, „Француски вински скандал – македонска смедеревка продавана како премиум вино од Бургундија“, „Французите продавале македонско вино како свое“, „Француски вина се полнеле со македонска смедеревка од Мрзенци“, „Европол: македонска смедеревка се продавала како француско вино“, „Кај газда Ѓоко во Мрзенци е 0,5 евра, а истото вино во Франција 250 евра“… Но и поумерени, како „Смедеревка како добра алтернатива за француски вина продавана за 250 евра.

    Принтскрин од еден од насловите во македонските медиуми за македонската смедеревка во Бургундија

    Текстот изобилуваше со детали. Од истрага на Европол, до изјави на „газда Ѓоко од Мрзенци“, чие вино „стасало до Бургундија“, и француски енолог кој нашироко ги опишува својствата на двете поднебја и соодветните вина. Од возбуда, медиумите не обрнаа многу внимание на деталите. Ниту на правилниот изговор на „шаблис“(шабли) и „монтрашет“(монтраше), ниту на името на енологот – Теле Репомаше, кого оние посигурните во својот француски изговор, го транскрибираа како Теле Репомаш. Ни на крај на памет не им падна дека името се изговара како што е напишано. Токму како српската фраза „теле-репом-маше“, односно: теле мавта со опаш. Не забележаа ни друг важен детаљ – датумот: први април.

    Додека „Вино и фино“ попладнето културно објави дека текстот е првоаприлска шега, „скандалот“ веќе го пренесоа безмалку сите македонски – пред сè онлајн – медиуми. Најголем дел со сосема идентичен наслов, добар дел со идентичен текст, но ниеден со проверка на наводите на српскиот медиум.

    Принтскрин од текстот на српскиот портал „Вино и фино“ каде обелоденуваат дека станува збор за шега

    Ненамерен школски пример за манипулација со информации

    Иако е првоаприлска шега, и тоа мајсторска, елементите кои ги содржи и механизмот по кој се пренесе и стана вирална приказната за Смедеревката, ненамерно, е школски пример за манипулација со информации.

    Изненадувачки наслов, провокативна тема и емоционални јадици ја прават приказната неодолива за публиката, но и за медиумите кои, немајќи време, капацитети или доволно професионалност да ја проверат, само ја пренесуваат понатаму. Така, приказната се шири спонтано, и без потреба од некакви посебни канали за дистрибуција на дезинформации. Згора на тоа, различни медиуми нагласуваат различни аспекти од приказната и со тоа и даваат одреден „спин“, или агол на гледање. Така, медиумите природно се групираат – од медиуми кои прецизно, но несреќно пренеле лажна вест, преку групи медиуми со блиска сопственост, идеологија или политика кои и дале ним својствен агол, до такви кои, на крај, едноставно препишуваат од збор до збор. Ширењето особено се засилува преку социјалните мрежи, каде што корисниците, за разлика од медиумите, немаат обврска да ја проверат веста пред да ја споделат.

    Сеад Џигал, фото: Ванчо Џамбаски

    „Оваа вест се надоврзува на прифатен наратив дека Македонија, иако е географски мала земја, има богата традиција на вкусна храна и пијалаци со светски квалитет. Вакви вести не познаваат граници бидејќи се потенцијално вирални и често се објавуваат на таблоидните медиуми. Тие често објавуваат сензационални и провокативни содржини кои целат да привлечат внимание и кои користат разни техники за вирализација на информациите, како што се кликбејт наслови, поларизирачки стории, сензационалистички теми и настани, и сл. Во Македонија сѐ уште е силно влијанието на онлајн медиумите од регионот и тие лесно се прелеваат од една во друга јазична сфера, а најчесто од Србија, Хрватска, Бугарија и Албанија“, објаснува универзитетскиот професор Сеад Џигал, комуниколог.

    И за нејзиното, како и за ширење на дезинформации при, како што денес е нарекува, странско мешање и манипулрање со информации (СММИ), главна причина се ниските професионални стандарди, ниската медиумска писменост, но и наративот дизајниран да предизвика силни емоции, како и користењето поларизирачки теми, нагласува професорот. Дезинформациите се шират преку кластери медиуми за таблоидни и пропагандни содржини, а лесно се прелеваат регионално поради силното влијание.

    „Овие забавни и навидум безопасни дезинформации се доста чести и се јавуваат периодично зависно од контекстот на настаните.  Познати се многу примери, како лажни наградни игри, вести за славните личности, лажни лекови, препораки мотивирани од суеверија, или сензационални вести како на пример бегството на лавот од зоолошката градина во Битола пред неколку години“, вели комуникологот Сеад Џигал, универзитетски професор.

    Несомнено, приказната за смедеревката е замислена како безопасна шега и без „малициозна“ намера. Но, дури и како таква, таа добива сензационалистички, па дури и политички „спин“ (извртување) во различни медиуми кои ја пренесуваат.

    Овие „извртувања“ се уште понагласени во други првоаприлски шеги во регионот кои, за разлика од „Смедеревката“, добија и политички реакции – токму она што е целта на секоја кампања на мешање и манипулација со информации. Грст такви шеретлаци стасаа дотаму да добијат стотици медиумски објави и несомнено милионска публика.

    Првоаприлските шеги како традиција: Кинескиот хеликоптер на Цеца и црногорската економска програма

    Првоаприлските шеги некогаш беа редовен ритуал во медиумите во регионот. Денес, подгорички „Вијести“ е еден од ретките кои ја негуваат оваа традиција, а често измамува и сериозни реакции – од јавноста, од политичари, но и од државни органи во Црна Гора, но и во регионот.

    Во 2011 година, на пример, во првата година на постоење на интернет-изданието вијести.ме, објавија дека Цеца Ражњатовиќ, против која се водеше судски процес во Србија, бара црногорско државjанство. Медиумот најави дека Цеца од Љубљана со кинески хеликоптер ќе дојде на аеродромот во Тиват. Постот, објавен во два по полноќ на први април, од авторот П. Травањ (травањ=тревен=април) до утрото веќе измами повеќе од 5.000 реакции – од луѓе кои од револт „се селеа“ во странство, политичари кои се закануваа со испис од државјанство, до дописници кои на тиватскиот аеродром се подготвуваа да го пречекаат цециниот лет. Пред „Вијести“ да успее да објави дека текстот е традиционалната првоаприлска шега, српските медиуми зедоа изјава од нивниот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, а црногорското МВР со соопштение изрази револт од „исмејувањето“ на властите кои издаваат лични документи, но и на граѓаните.

    Принтскрин од написот на Вјиести за Цеца и нејзиното црногорско државјанство

    Лани, пак, „Вијести“ ја изведе својата можеби најуспешната првоаприлска шега досега. Објавата дека Србија и Босна и Херцеговина „побарале да ја препишат“ црногорската економска програма „Европа сега“ измами повеќе од 63.000 прегледи на сајтот на подгоричкиот медиум, околу 430 реакции и повеќе од 100 коментари. Но, вистинскиот одѕив беше далеку поголем.

    Вториот текст, со кој Вијести објави „априлилили…“ за шегата, имаше речиси 45.000 прегледи само на сајтот на весникот.

    Во текстот, „извор кој учествувал во преговорите“ раскажува дека српскиот претседател Александар Вучиќ од министерот за финансии Синиша Мали и од премиерот Милош Вучевиќ побарал „препишувањето“ да остане тајна, а проектот да добие ново име,  за да не асоцира на црногорскиот. Ако сепак се поврзе, мајсторски раскажува текстот, Вучиќ наредил министрите да тврдат дека Црна Гора препишала од нив и дека српската програма е „побрза, подобра и поголема“. Претседателот наредил и Србија да ја спроведе програмата пред да биде усвоена во Босна, за да тврдат дека Босанците препишале од нив. И, додал Вучиќ, српската плата да биде барем за десет евра поголема.

    Како и приказната за Смедеревката, и текстот за економската програма изобилува со детали, што му дава веродостојност, цитира изјави и наведува институции, што му дава кредибилитет, автентичност и авторитет.

    Најважно, објавата  си поигрува со националната гордост – кај едните ја поттикнува, а кај другите ја предизвикува. Токму ова и предизвика најбурни реакции.

    Веднаш реагираше Синиша Мали, а српските провладини медиуми речиси истовремено го пренесоа. Во долгиот пост на фејсбук, Мали даде опширен опис за мерките и програмите на српската влада и резултатите со кои, според него, Србија е „далеку пред сите во регионот, заедно“. Речиси како во текстот на „Вијести“.

    Но, не сите шеги се успешни. Некои остануваат на полунасмевка, како несмасната шега на српски таблоид со твдењето дека БиХ забранила бурек со сирење. Во Хрватска, пак, владата и ХДЗ му замерија на порталот „Пензија“ (mirovina.hr) за шегата со укинатиот бонус за пензионери. Некои, пак се несолени шеги, како онаа за поставена бомба, испразни три училишта во Бихаќ, Босна и Херцеговина.

    Принтскрин од напис на српски „Ало“ дека Босна го забранила бурекот со сирење

    Рама на чело на НАТО, шегобиецот на клада

    Веројатно ниедна скорешна првоаприлска шега немала толкав ефект како објавата дека Еди Рама ќе биде генерален секретар на НАТО.

    Едвај два часа по полноќ, на први април 2022, корисничката Сузана Старкив на „Х“ твитна:

    „Еди Рама ќе го наследи Јенс Столтенберг како генерален секретар на НАТО. Се вели дека САД особено инсистирале следниот генерален секретар да се избере од новите членки на НАТО. Кандидати биле естонската премиерка Катја Калас и албанскиот премиер Еди Рама. Кој ќе биде следен премиер на Албанија?“ (Каја Калас, денес висока претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност, н.з.)

    Во следните 24 часа, објавата стана школски пример за манипулација со информации и ги штиклираше сите полиња на списокот: од објава на социјални мрежи, преку „перење“ на веста и градење, односно уривање, кредибилитет на изворот. Твитот беспрекорно и кристално јасно ја покажа непрофесионалноста и пристрастноста на медиумите и нивната, но и поларизацијата на општеството, и локално и во регионот.

    „Германската аналитичарка, академик и истражувач Сузана Стариков тврди дека Еди Рама е следниот генерален секретар на НАТО по Јенс Столтенберг“, веќе утрото осамна насловот во неколку тирански медиуми.

    „О.К. народе, ова, се разбира, е првоаприлска шега (се разбира!). Ова не би го ни објаснувала, но морам, зашто некои медиуми на албански јазик го објавиле твитот без воопшто да проверат – во своите вести дури ја пренеле и мојата печатна грешка во името на естонската премиерка“, твитна повторно Сузана.

    Но, веќе беше предоцна. Веста надалеку ја пренесоа десетици медиуми на албански јазик. Ги мина границите и се прелеа во Косово, но и во Македонија и во Србија. Додека Стариков се обидуваше да ги коригира медиумите на албански јазик, „веста“ почнаа да ја пренесуваат и медиумите на српски јазик од регионот. До крајот на денот, „веста“ ја преземаа и македонски медиуми.

    Гледајќи дека Балканот ја однел шегата, несудената шегобијка продолжи да твита дека само се шегувала и дека медиумите не смеат да пренесуваат тврдења без да ги проверат, но попусто. „Веста“ за Едиевото место на чело на НАТО, поддржано од Американците, веќе беше во десетици медиуми на три јазика во регионот, видена неколку стотини илјади пати, со илјадници споделувања и стотици коментари.

    Во меѓувреме, некои од читателите на албанските медиуми почнаа да оставаат коментари дека авторката, всушност, е Сузана Скендери, преведувачка од Тирана мажена во Германија.

    Принскрин од напис за Еди Рама на српски јазик

    Додека на Балканот пламтеше огнот од искрата на Сузана, медиумите на албански јазик почнаа различно да го квалификуваат изворот. Уште од почетокот, медиумите на албански јазик се профилираа: опишувајќи го изворот, едните ја користеа фразата „познатата германска аналитичарка, академик и истражувач“, а другите „преведувачка од Германија“. На крајот на денот, пак, кога конечно прифатија дека се шегувала, сите здружно ја нападнаа за ширење лажни вести.

    И Македонија одвреме-навреме сведочи за дезинформации кои потекнале од социјалните мрежи и добиле одѕив во медиумите. Во февруари 2022 година во Битола се појави шега дека лав избегал од зоолошката градина. Неколку дена беше главна тема меѓу битолчани, додека состојбата не ја разјаснија полицијата и локалните власти.

    Ловење на емоционални „јадици“

    Што им е заедничко на сиве овие приказни и зошто станале вирални? Прво е темата, која треба да предизвика изненадување и интерес, но и да биде поларизирачка, односно да има емоционални „јадици“ на кои ќе се „закачи“ читателот – да задира во националната гордост, културата, традицијата или друга вредност блиска до публиката на која и е наменета. Најчесто, на истите „јадици“ се закачуваат и наголем дел од медиумите кои потоа „бесплатно“ ја пренесуваат уште пошороко – втор елемент во механизмот на ширење. Покрај спонтано „закачените“ медиуми, дезинформацијата, со сопствен агол, понатаму ја шират кластери политички, економски или идеолошки блиски медиуми, кои се трет елемент во низата, и четвртиот, корисниците на социјалните мрежи. Петти елемент во приказната се читателите, особено оние со ниска култура на информаирање, или „медиумска писменост“, кои и гладно ја „лапаат“ приказната, и сесрдно ја споделуваат.

    Дезинформациите се едноставни, емоционални и често користат стилски фигури за нагласување на пораката. Содржат „емоционална јадица“ која „лови“ на етнички, политички, историски или културни чувства, нагласува анализата „Странско мешање и манипулирање со информации“. Често се пласираат од еден центар (Белград, Тирана), и се прелеваат во регионот-локалните медиуми ги преземаат без проверка, поради ограничени ресурси и капацитети. Најголем извор на дезинформации и СММИ се онлајн медиумите и социјалните мрежи, засилени со т.н. „ботови“ и координирани активности за искористување на алгоритамот. Многу онлајн медиуми се анонимни и сензационалистички, а политичката пристрасност, поларизацијата и ниската медиумска писменост во општеството ја зголемува ранливоста и овозможува ширење на СММИ. Граѓаните мислат дека знаат да препознаат медиумски невистини, но многу мал дел проверуваат. Први на удар се локалните заедници, поради етнички, политички и културни разлики. Македонскиот медиумски систем подложен на економски и политички влијанија, без силни регулаторни механизми, а недовербата во институциите и политичка поларизација ја зголемуваат подложност на влијание.

    „Дезинформациите се формулирани на едноставен и емотивен начин, што ги прави подостапни и влијателни за широката јавност. Тие артикулираат емоции, будат емпатија, атакуваат вредности, подриваат доверба, често се стилски добро обликувани со хиперболи, несоодветни компарации, занемаруваат клучни моменти што може да му дадат поинаков тек на нивниот аргумент-теза и нагласуваат проблематични аспекти што им служат на нивните цели“, нагласува студијата.

    Но, имаат и уште еден, суштински елемент – т.н. емоционална „јадица“: „Дури и кога нема директна врска, имплицираат на етнички прашања, политички разочарувања и историски проблематични теми“ се вели во анализата.

    И оваа анализа го нагласува силното меѓусебно влијание на земјите во регионот и прелевањето дезинформации.

    Од дваесетина консултирани студии од регионот, кои го истражуваат проблемот на дезинформациите, една го објаснува особено кусо и прецизно – аналитичкиот извештај за  Центарот за информации, демократија и граѓанство на Американскиот универзитет во Бугарија Работна група за дезинформации во Албанија. Иако е фокусиран на состојбата во Албанија, елементите, техниките и механизмите кои ги опишува се универзални за регионот.

    Групата идентификува низа елементи во пренесувањето дезинформации. Јазичните обрасци („лингвистички патерни“) ги претставуваат работите преку двополарни спротивставености (биполарна опозиција), која го слика светот во јасни спротивставени двојности: добри-лоши, наши-нивни, патриоти-предавници, демократи-антидемократи, Исток-Запад. Овој реторички уред треба да ги поларизира и поедностави сложените теми, не оставајќи место за сомнеж.

    Друг елемент е будењето емоции (емоционален тригеринг). Меѓу техниките е постојано, повторено заплашување, но и „рамки за разгневување“, односно наводи наменети да предизвикаат бес кон одредени групи – политичари, етнички групи, мигранти, странци…

    Ефикасни техники се и персонализација, кога се наведуваат измислени сведоштва, како и анегдотски „докази“, наместо научни или статистички податоци. За да добијат интимност, или уште погоема персонализација , приказните се плетат околу обичниот граѓанин.

    На крај, се применува заговорничка логика и неповрзани настани се поврзуваат во уверливи ама неточни приказни , најчесто за скриени, моќни структури кои ги контролираат нештата.

    Буквално секој од овие елементи, секако, од други побуди, е присутен во приказната за Смедеревката. Од спротивставеноста меѓу Западот и Балканот, преку гневот поради економската експлоатација на вино од половина евро кое го продаваат за 250, личи сведоштва од газда Ѓоко-обичниот граѓанин и енологот, до докази со истрага на Европол.

    Последна, но не помалку важна карактеристика на дезинформациите е високата прилагодливот на приказната и нејзината еволуција во текот на „прераскажувањето“, пат кој го мина и „Смедеревката“.

    „Дезинформациските актери брзо го прилагодуваат јазикот и наративот на актуелните настани“, се наведува во анализата, „а јазикот се прилагодува да се вклопи во стилските норми на секоја од платформите на кои што мигрира приказната“ – од мемиња на ТикТок, преку долги дебати на Фејсбук, псевдо-академски дискурси на Телеграм…

    Последен елемент е локализацијата, кога глобалните дезинформациски мотици систематски се прилагодуваат за одредено поднебје преку неговите специфични културни кодови, лингвистички референци и историски аналогии.

    Покрај содржините, се копираат и техниките

    Сите овие елементи и тактики, како и целиот механизам за ширење на дезинформации речиси редовно се забележуваат во пријавените случаи на дезинформации во регионот.

    Во Албанија, организациите „Фактоје“  (Faktoje) и „СЕЕ Чек“ (SEE Check) во 2024 година забележаа повеќе од илјада случаи на лажни или манипулативни визуелни објави на Instagram, меѓу кои и вирални видеа што лажно тврдеа дека Европската Унија ги забранила албанските производи. Овие содржини ја користат истата емоционална реторика како и претходните – се повикуваат на национална гордост и обесправеност, без основна проверка на фактите. Механизмот и техиките одлично ги опишува Работната група за дезинформации во Албанија, која заклучува и дека централизацијата на медиуми во Тирана остава вакуум во остатокот на земјата, идеолошката сопственост на групи медиуми овозмоќува непречено ширење пристрасни и наведувачки содржини, а медиумите, генерално, служат како засилувачи на пораките на политичките партии или за ширење „кликбејт“ содржини. Платформата „Тик-ток“ се наведува како „критичен вектор“ за ширење дезинформации, особено меѓу младите, но владината кампања да го укине се оценува како недемократска. Важна улога, според Групата, играат и инлуенсерите, забавувачите, псевдо-експертите, но и Фејсбук групите и апликациите за пораки. Меѓу постојните теми за дезинформации, пак, се теориите на заговор за Ковид-19 и здравствени теми, теории поврзани со Сорос, војната во Украина, интеграцијата во Европската унија…

    Во Босна и Херцеговина, платформата „Раскринкавање“ (Raskrinkavanje)  анализираше повеќе од 3.700 вести и утврди дека голем дел од етнонационалистичките дезинформации започнуваат како шеги или мемиња, кои потоа се претвораат во „вистински“ вести на локални онлајн медиуми. „Раскринкавање“ има и посебна рубрика за сатира, и обработува дезинформации кои се „на работ на умот“, како приказната за човекот кој се идентификувал како елен, па го застрелале ловџии. Платформата им посвeтува особено внимание на социјалните мрежи. „Раскринкавање“ досега анализирал повеќе од 3.900 објави на Фејсбук, а „Тик-ток“ е идентификуван како нова и особено брза алатка за дистрибуција на такви содржини, што покажува колку брзо еден хумористичен контекст може да се претвори во политички наратив.

    Косово е бојно поле за дезинформации  од српските, и од медиумите на албански јазик. Меѓу наративите, според Извештајот на „Метаморфозис“ за мапирање на дезинформациите и граѓанското општество, се и тие дека формирањето заедница на српски општини значи дека Косово и се предало на Србија, или дека САД не ги штити муслиманите, која се шири со дезинформациите за конфликтот во Газа. Низата продолжува со обвинувања за „мафијашка држава“ и пренесени руски наративи од српска страна, или објавите за наводно распоредување на српската армија на границата со Косово за време на изборите во Србија во 2022 година, нотирани во анализата „Геополитички перспективи на дезинформациите на Западен Балкан“. По инцидентот во Бањска (2023), пак, била забележана голема навала на дезинформации кои се појавувале во српски групи на Facebook, а потоа за само неколку часа биле превземани и пренесувани на албански јазик од локални косовски портали. Овој механизам на брзо прелевање и препакување на содржината е идентичен со оној кај приказната за Смедеревката.
    Во Црна Гора, подгоричкиот весник „Вијести“ одамна е познат по своите првоаприлски шеги, меѓу кои и онаа за „ЕУ која наводно ќе воведе данок на ракија“. Оваа објава, иако замислена како хумор, беше препечатена од неколку регионални медиуми и претворена во „вест“ дека Брисел се меша во традициите на Балканот — ист тип на сатирично-политичка ескалација што ја гледаме и кај Смедеревката. Но, шегата на страна, црногорскиот Центар за дигитална форензика лани анализирал повеќе од 62.000 национални и регионални медиумски објави и заклучил дека 22 отсто содржат некаква форма на манипулација.

    Дезинформациите се пренесуваат преку групи медиуми блиски политички, економски или идеолошки, кои си преземаат содржини. Со умножување на вестите, пак, се обидуваат да го преплават информативниот простор и да ги „хакираат“ алгоритмите на агрегаторите и на социјалните мрежи.

    „Низа истражувања потврдуваат дека постојат кластери на медиуми кои креираат вакви содржини и се дел од пошироките глобални превирања и настани. На пример, горе-долу познати и мапирани се главните регионални медиуми кои за војната во Украина пренесуваат проруски и антизападни содржини, кластери од медиуми кои само позитивно и некритички известуваат за Кина, потем мрежи кои се сметаат за конзервативни и антилиберални, медиуми со изразена либерална или левичарска идеологија и редица други“, објаснува Џигал, кој наведува дека има  потврдени сознанија за руско и кинеско влијание во медиумите, како и прозападни медиуми кои често некритички и поларизирачки известуваат. Постојат и регионални групи кои шират дезинформации на идеолошка и верска основа, а медиумите во регионот се многу подложни на СММИ операции и манипулации, лесно поткупливи и со слаби стандарди во делот на професионалното и етичкото новинарство.

    Ширењето посредно, но сесрдно го помагаат „конвенционалните“ медиуми, кои во трансформацијата во интернет-ерата го изгубија редакцискиот систем и дотогаш воспоставените пракси за филтрирање на информациите.

    Лажат странци, ама лажат и наши

    Улогата на домашните лажговци во операциите за „мешање и манипулација со информации“ е нагласена и во мониторингот на кампањи за влијание и дезинформации во Западен Балкан, на берлинскиот Институт за стратегиски дијалог. Институтот од 23 декември 2023 до јуни 2024 година спровел набљудување во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово во кое анализирал 31.048 Телеграм пораки, 27.644 постови на Фејсбук, 478 Јутјуб видеа, и 62 дневни медиуми, со нивните страници на Фејсбук и Инстаграм, со повеќе од 7,2 милиони следачи

    „И покрај разликите меѓу четирите балкански земји анализирани во овој извештај, истражувањето на ИСД покажува дека дезинформациите во регионот првенствено се поттикнати од водечките политичари, партиите и медиумите, далеку повеќе отколку од странски државни и недржавни актери. Иако извесен број такви актери имаат отворени или имплицитни врски со Русија, медиумските сајтови и гласови поврзани со Кремљ имаа ограничен успех во споредба со домашните актери, кои ги користеа платформите на социјалните мрежи за да промовираат палета погрешнонаведувачки или очигледно лажни тврдења, како и поларизирачки содржини, заклучува извештајот од мониторингот.

    Најголеми дезинформатори, според истражувањето за ефектот на дезинформациите и странските влијанија, се домашните политичари, одговориле 89 отсто испитаници, а дезинформациите најмногу се шират преку медиумите (85 отсто), социјалните мрежи и интернет-порталите (82 отсто)

    Вкупно 83 отсто од граѓаните сметаат дека дезинформациите се сериозен проблем, а секој втор изјавил дека барем еднаш неделно забележал целосно измислена сторија за нечии политички цели или агенди.

    Три четвртини од испитаниците сметаат дека Владата треба да преземе мерки против дезинформациите, а по најмалку две третини сметаат дека е важна професионалноста на новинарите, постојано да се известува за штетноста на дезинформациите, да се зголеми свеста за дезинформации, да се донесе закон за заштита од дезинформации, да се промовира медиумска писменост, независна организација да ги проверува информациите и граѓаните сами да си ги проверуваат информациите.

    Законска регулатива за спречување и сузбивање дезинформации е препорака и на аналитичкиот извештај за странско мешање и манипулирање со информации, кој, меѓу другото, препорачува и едукативни кампањи, регионален дијалог и поддршка од Европската унија.

    Клучни елемент во борбата со дезинформации се сеопфатниот пристап на целото општество, координирана акција со соодветен, сразмерен буџет, паметно и стратешко делување и заеднички, регионален стратегиски пристап, во чии рамки и заедничка регионална страгегија, предвидува Патоказот за заштита на демократијата од информациски закани на Мрежата против дезинформации за Балканот.

    Неопходноста од системски пристап е нагласена и во препораките за градење општествена отпорност, а законската превентива и санкционирање на дезинформациите и во Извештајот за мапирање на дезинформациите и граѓанското општество, кој предлага и поддршка за медиумска писменост и регулирање на онлајн-платформите.

    Најдобар начин за да се спречат дезинформации, според професорот Џигал, е информациите едноставно да се проверат:

    „Во трката за брзи и атрактивни вести кои треба да привлечат внимание, ова клучно правило често се прескокнува и затоа се јавуваат многу вакви случаи. Професионална и етичка должност на новинарот е да ја провери веста, да ги пронајде изворите на информациите и да се потпише на објавена вест за која тој ќе ја гарантира вистинитоста и професионалноста. Новинарите треба да бидат професионални комуникатори кои ќе помогнат овие стандарди да бидат општоприфатени како нужен услов да веруваме на секој кој објавува содржини за информирање на јавноста“, вели професорот Џигал.

    Пишува: Игор К. Илиевски

    hubmk

    Previous Article„Кој е следен?“ најави јавен онлајн состанок пред Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот
    Next Article Балкански рис со младенче снимен на Шар Планина

    Поврзани вести

    Берово и Македонија тагува по Викторија – младата хуманистка која го посвети животот на животните

    10/12/2025

    Потсејување на опожарените површини во шумско-стопанската единица Буковик–Бајаз Тепе

    10/12/2025

    Студиска и стручна посета во округот Прахова, Романија на Градоначалникот на општина Пехчево Александар Китански

    10/12/2025
    Advertisement
    АКТУЕЛНО

    Берово и Македонија тагува по Викторија – младата хуманистка која го посвети животот на животните

    Потсејување на опожарените површини во шумско-стопанската единица Буковик–Бајаз Тепе

    Студиска и стручна посета во округот Прахова, Романија на Градоначалникот на општина Пехчево Александар Китански

    Инфантино пријавен во етичкиот комитет на ФИФА поради односот со Трамп

    НАЈЧИТАНИ

    Maersk CEO Vincent Clerc Speaks to ‘Massive Impact’ of the Red Sea Situation

    20/01/2021

    These Knee Braces Help With Arthritis Pain, Swelling, and Post-Surgery Recovery

    15/01/2021

    How to Keep Your Pets Safe During the Solar Eclipse 2024

    15/01/2021
    Facebook X (Twitter) Pinterest Vimeo WhatsApp TikTok Instagram

    Вести

    • World
    • US Politics
    • EU Politics
    • Business
    • Opinions
    • Connections
    • Science

    МАЛЕШ МК

    • Information
    • Advertising
    • Classified Ads
    • Contact Info
    • Do Not Sell Data
    • GDPR Policy
    • Media Kits

    ПОДДРШКА

    • Subscriptions
    • Customer Support
    • Bulk Packages
    • Newsletters
    • Sponsored News
    • Work With Us

    Најнови информации

    Добивајте ги најновите креативни вести од Малеш.

    © 2025 MaleshMK. Designed by MKNet.
    • Политика на приватност
    • Услови
    • Пристапност

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.