На неодамнешната прва официјална промоција посветена на „Владимирово Фолк Фест”, вниманието неочекувано, но сосема заслужено, го привлече една млада, талентирана и полна со енергија музичарка – Бојана Ѓузелова.
Маестро Горан Алачки, кој ја водеше прес-конференцијата, со посебна гордост ја претстави Бојана пред присутните новинари и гости. Таа се појави како придружен вокал на концертот на Драган Мијалковски, со кој официјално заврши овогодинешната концертна сезона во Домот на културата во Владимирово. Но иако во позадина, нејзината музикалност, енергија и сценска природност не останаа незабележани.
Во текот на пресот беше промовирана и нејзината прва песна „Усни неверни“, дело на Маестро Алачки – нумера која првично и своевремено била создадена за друга фолк пејачка, но сега доби свеж, модерен ритам и комплетно нов аранжман, совршено вклопен со карактерот на Бојана. Песната веќе доби и видеоспот, снимен на повеќе интересни локации во Владимирово, меѓу кои и Домот на културата „Горан Алачки“.
Бојана, која одлично свири гитара и е дел од музичкото училиште на Жаклина и Јанко Узунов, плени и со својот вокал. Водителката Ели Танасковска накратко се наврати на нивната прва средба – во познат ресторан во Дојран, каде што младата Бојана спонтано започнала да пее стари македонски народни песни и ги оставила сите присутни без здив.
Иако е само третa година средно училиште, нејзиниот талент, посветеност и природна харизма ја издвојуваат како едно од најперспективните млади имиња на домашната сцена. „Усни неверни“ е само почетокот на нејзиниот музички пат, а јавноста со право очекува многу повеќе од Бојана Ѓузелова – девојчето кое веќе сега покажува дека е родено за сцена.
