Во шумско-стопанската единица Буковик–Бајаз Тепе, во подружницата Равна Река од Пехчево, деновиве беше извршено потсејување на опожарените површини, согласно Програмата за отстранување на последиците од шумските пожари.
Со оваа активност се започнува процесот на обновување на растителниот фонд и зајакнување на природната регенерација на подрачјето. Надлежните екипи извршија потсејување со внимателно избрани автохтони видови, со цел забрзано враќање на биолошката рамнотежа и спречување на понатамошна ерозија.
Од ЈП Национални Шуми истакнуваат дека ваквите интервенции се од суштинско значење за долгорочна заштита и одржливо управување со шумските ресурси, особено на критичните зони зафатени од минатогодишните пожари.
