Иницијативата „Стоп за Усје“, под мотото „Дојди на блокада!“ повторно повика на протест закажан за утре, 21 јануари од 18 часот, на раскрсницата на булеварот „Борис Трајковски“ и булеварот „Србија“ (во правец кон „Tитан Усје“).
Од иницијативата велат дека нивните барања биле испратени до повеќе институции на 29 декември, но одговор сè уште нема.
„Ова веќе не е институционален пропуст, ова е свесно игнорирање на јавното здравје и човековите права. Кога институциите молчат, граѓаните зборуваат. Кога нема одговори, има блокади. Затоа што немаме луксуз да чекаме додека се разболуваме и умираме! Ова е последно предупредување. Здравјето не е предмет за игнорирање. Воздухот не е привилегија. Молкот нема да помине“, стои во една од објавите.
Во едно од нивните барања, кои се јавно споделени, стои мерната станица кај „Усје“ постојано да врши мерење и јавно прикажување на резултатите, а дополнително и да биде интегрирана во апликациите за мерење на квалитетот на воздухот.
Исто така, од иницијативата бараат „Усје“ да воведе автоматски CEMS (Continuous emission monitoring system) за постојано следење на оџаците на Цементарницата, како и изрекување казна по принципот на „Безбеден град“ при евентуални прекршоци.
Од таму бараат и да се ревидираат мерките за прогласување на вонредна еко-состојба за да се постигне целосен стоп на „Усје“, вклучувајќи ги и рудниците, ако граничните вредности на загадување и темературната инверзија се надминат. Воедно, тие бараат стандардите за ПМ10 и ПМ2,5 и NO2 да се усогласат со препораките на Светската здраствена организација (СЗО).
Во нивните барања, наведено е цементарницата треба да премине кон почисти енергенси, како природен гас или водород, најстрого почитување на сите мерки за спречување фугитивна прашина, поништување на одребата „деловна тајна“ во Законот за контрола на индустриски емисии, како и акредитација на на државната лабараторија за мерење на аерозагадувањето.
Во нивните објави, стои дека Македонија е „златна кокошка бидејќи нема никаква регулација“, додавајќи дека „Усје-Македонија е најпрофитабилната цементарница во целата Титан групација на светско ниво со 30,3 отсто чист профит“.
Тие потсетуваат дека додека „Усје“ ја брои заработувачката, секоја година предвремно умираат над 5.600 луѓе поради загадениот воздух.
