Граѓаните да не отвораат лажни пораки, наводно испратени од „Безбеден град“ и да не споделуваат лични податоци, апелираат во Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде што велат дека изминатиов период е забележана појава на фишинг напади кои се изведуваат преку лажни СМС пораки, електронски пораки, веб-страници и пораки на социјалните мрежи.
„Лажните пораки наводно пристигнуваат од Оддел за моторни возила како известување од системот „Безбеден град“ и во истите е наведен лажен линк преку кој се пренасочуваат граѓаните да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок. Апелираме до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не се отвораат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци, како што се броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори преку неовластени канали, да ја проверат адресата на испраќачот – официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка. СМС известувањата за направен прекршок треба да бидат од испраќач „MVR-SC”, велат во МВР.
Оттаму потенцираат дека во текстот задолжително треба да има регистарска ознака од возилото кое направило прекршок и лин.
„Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи продолжува со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами“, се додава во соопштението од МВР.
