Непрекинатата комуникација со македонските организации во дијаспората овозможува широк фронт за соработка на повеќе полиња, а особено во насока на возобновување на манифестацијата „Гоцеви денови“, изјави денеска Иван Гоцевски по онлајн комуникацијата со претставници на македонската дијаспора.
Во рамки на разговорите се дискутирало за иницијативата за враќање на вистинскиот сјај на манифестацијата посветена на патронот на општина Делчево – Гоце Делчев.

Гоцевски нагласи дека општината има света обврска да го негува, афирмира и развива ликот и делото на апостолот на македонското револуционерно движење.
„Убеден сум дека заедно со сите Македонци ширум светот, како и во Македонија, можеме да ја реализираме оваа иницијатива на ниво кое ќе одговара и по квантитет и по квалитет на значењето што го има Гоце Делчев за македонската историја и идентитет“, истакна Гоцевски.
Тој се заблагодари за конструктивниот придонес на претставниците на дијаспората и најави дека во наредниот период ќе се работи на конкретни чекори за соодветна реализација на манифестацијата.
