Иако вирусот Нипах може да предизвика сериозни заболувања, вклучително и воспаление на мозокот, тој не претставува непосредна закана за пошироката јавност, објасни епидемиологот Драган Даниловски на својот профил на Фејсбук.
Според него, симптомите може да варираат од лесни, слични на грип, до тешки респираторни и невролошки компликации, но епидемиите досега биле локализирани и контролирани.
„За вирусот да се појави во Македонија би бил потребен изолиран случај кај лице што било изложено на вирусот во странство, кој може навреме да се открие и изолира преку здравствен надзор. Дури и тогаш, ризикот од пошироко пренесување останува низок, бидејќи е потребен близок и интензивен контакт“, вели тој.
Даниловски оценува дека повторното воведување здравствени проверки на граничните премини во дел од азиските земји е разумна превентивна мерка, но не и најава за нова пандемија.
„Паника не е оправдана. Потребни се смиреност, информираност и рационална комуникација базирана на факти, а не на страв“, нагласува Даниловски.
Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека постои низок ризик од ширење на смртоносниот вирус нипах од Индија и оттаму не препорачуваат воведување ограничувања за патувања или трговија по пријавените две инфекции во јужноазиската земја.
Хонг Конг, Малезија, Сингапур, Тајланд и Виетнам се меѓу азиските локации кои оваа недела ги заострија аеродромските здравствени проверки за да се заштитат од евентуално ширење, откако Индија ги потврди инфекциите.
„СЗО смета дека ризикот од понатамошно ширење на инфекцијата од овие два случаи е низок“, ѝ соопшти агенцијата „Ројтерс“.
Вирусот, кој го пренесуваат овошни лилјаци и животни како на пример, свињи, може да предизвика треска и воспаление на мозокот. Стапката на смртност се движи од 40% до 75%, а лек сè уште не постои, иако вакцините кои се во развој сè уште се тестираат.
