
Нема да има криза во снабдувањето со гориво на граѓаните, ниту на стопанството, уверуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, откако неколку држави во регионот деновиве објавија дека блокадите на транспортните ленти на граничните премини го нарушиле нормалното снабдување со нафта и нафтени деривати. Компанијата ОКТА во моментов нема оперативни проблеми во снабдувањето, а доколку е потребно најавуваат дека ќе користат алтернативни транспортни решенија, вклучително и железнички транспорт. Од компанијата велат дека располагаат и со сопствени комерцијални резерви на гориво, кои ќе можат да се искористат доколку се оддолжат блокадите или доколку биде потребно.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираат и дека државата располага со нафтени деривати во државните резерви кои се доволни за снабдување на пазарот за околу 42 дена. Посочуваат дека континуирано ја следат состојбата и дека во моментов нема причина за загриженост кај граѓаните и стопанството, бидејќи снабдувањето на домашниот пазар со гориво се одвива стабилно.
„Постојните количини во државните резерви, во комбинација со редовното снабдување од страна на увозниците и дистрибутерите, обезбедуваат континуитет во снабдувањето и покривање на потребите на пазарот во согласност со просечната дневна потрошувачка. Доколку дојде до продолжена и целосна блокада во траење од неколку недели, државата има јасни механизми и законска можност за активирање на државните резерви со цел навремено и контролирано снабдување на пазарот. Министерството ја следи состојбата на дневна основа, а комуникацијата со снабдувачите и надлежните институции е постојана,“ велат од Енергетика.
Како дополнителна превентивна мерка, го посочуваат и продуктоводот за дизел гориво. По преземањето на неопходните технички и организациски мерки, се очекува испорака на квалитетен дизел по 15 февруари, што сметаат дека дополнително ќе ја зајакне сигурноста и стабилноста на снабдувањето.
Во меѓувреме, блокадите на транспортните излези и влезови на граничните премини во земјава и во регионот продолжуваат и денеска, како одговор на најавата на Европската Унија дека од 10 април сите држави од Шенген зоната ќе мора да го имплементираат новиот електронски систем за влез и излез ЕЕС. Претседателката на транспортната Асоцијација Макам-транс, Билјана Муратовска вели дека повеќе од две години заедно со транспортните организации од Балканот алармираат за овој проблем, но досега не е најдено решение. Таа вели дека македонските, а и транспортерите од Балканот не треба да се сметаат како туристи кои можат да поминат само 90 дена во шест месеци во земјите од Шенген зоната, туку дека треба да добијат посебни визи за неограничен број на влезови и излези со што ќе се надмине овој проблем.
Министерот за транспорт Александар Николоски, кој е во посета на Хрватска изјави дека разговарал со претставници на Стопанската комора за проблемот на транспортерите што го засега целиот регион.
„Се надевам дека ЕУ ќе изнајде решение се со цел да не се третираат професионалните возачи како туристи или мигранти, да се третираат како професионалци и на тој начин да можат да ја вршат својата работа. Се различно од ова ќе значи сериозен удар не само за македонската и регионална економија туку и врз економијата во цела Европа, имајќи предвид дека бројни компании се извозно ориентирани и извезуваат, а исто така и бројни компании во рамки на ЕУ ги користат нашите производи. Апелирам уште еднаш и го подржувам протестот на превозниците, да ова прашање се реши што поскоро и од 10 април да немаме проблеми за превозниците”, изјави Николоски.
