Новиот состав на Локалниот младински совет (ЛМС) при Општина Делчево ја започна подготовката на Годишната програма за работа, која ќе ги дефинира целите и активностите за негово дејствување во наредниот период.
Како советодавно тело, ЛМС има задача да ги обедини младите и да придонесе за нивно поголемо вклучување во јавниот живот, како и активно учество во процесите на донесување одлуки на локално ниво, преку изразување на идеи, потреби и иницијативи.

Од Локалниот младински совет упатуваат јавен повик до сите млади од Делчево да се вклучат со свои предлози и иницијативи во креирањето на програмата. Според службеникот за млади во Општина Делчево, Милена Багевска, сите идеи се добредојдени, а целта е да се изработи квалитетна, реална и применлива програма што ќе овозможи поголем младински ангажман и учество во локалните политики.
Инаку, на 4-тата седница на Советот на Општина Делчево беа верифицирани мандатите на членовите на Локалниот младински совет, предложени од Локалното собрание на млади и избрани по претходно распишан јавен повик.
Членови на новиот состав на ЛМС се:
- Искра Георгиевска – Тернипе МК (Ромски културен и едукативен центар), Делчево
- Ивана Пејчиновска – КУД „Гоце Делчев“, Делчево
- Павел Салтировски – СОУ „М.М. Брицо“, Делчево
- Ангела Велковски – Општинска организација на Црвен крст, Делчево
- Ања Димитровска – СОУ „М.М. Брицо“, Делчево
Мандатот на членовите на Локалниот младински совет трае две години, со можност за уште еден избор.
